1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомбардерот“ наполи 60 години

3 ноември 2005

Герд Милер „жареше и палеше“ во противничките казнени простори во 60-тите и 70-тите години

https://p.dw.com/p/Aek5
Милер - најдобар стрелец на СП 1970
Милер - најдобар стрелец на СП 1970Фотографија: dpa

Баерн Минхен синоќа одигра добро против Јувентус во Торино во Лигата на шампионите, но сепак беше поразен со 2 спрема 1. За победа му недостасуваше во шпицот на нападот играч, кој како некогаш Герд Милер, и од полушанса ќе ја затресе мрежата. Легендарниот стрелец, кој од трибините го следеше натпреварот, денеска полни 60 години.

Податоците од спортската биографија на „бомбардерот“ или „малиот дебел Милер“, како што вообичаено го нарекуваа, се импресивни: со репрезентацијата на Германија, за која во тек на осум години одигра 62 натпревара и постигна 68 голови, освои по една титула светски и европски првак. Пред 35 години беше најдобар стрелец на светското првенство со 10 постигнати голови.

Во дресот на Баерн настапуваше 15 години, одигра 427 натпревари во Бундеслигата и постигна 365 голови. Со екипата од Минхен Герд Милер стана интерконтинентален првак, освои 4 титули во Купот на шампионите, една во Купот на победниците на куповите, по 4 титули во првенството и во купот на Германија. Незадржливиот голгетер беше два пати најдобар стрелец во Европа, 7 пати во првенството на Германија, еднаш беше прогласен за најдобар играч на континентов, два пати за фудбалер на годината во Германија. Покрај тоа, одигра и 80 натпревари во Северноамериканската професионална лига, во кои 40 пати ја затресе противничката мрежа.

Што може да си посака човек со таква спортска кариера? - „Желба, се разбира, е здравје за целото семјество, а моја желба уште е и ние повторно да победиме“ – вели денешниот славеник. Притоа Герд Милер мисли на аматерскиот тим на Баерн, каде тој е помошен тренер.

Славните наследници со респект зборуваат за него: „Мислам дека за секој напаѓач Герд Милер е еден вид идол, зашто она што го постигна тој, до ден-денес никому не му успеа, а верувам дека нема да му успее ни во иднина“ – вели Јирген Клинсман.

Зоран Јордановски