1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болт е жешката тема во Даегу

29 август 2011

Најбрзиот човек на планетата е под лупата на јавноста. Преголемата брзина на стартниот блок му се одмазди на Болт. Обично расположениот и разговорлив шампион, првпат остана без текст.

https://p.dw.com/p/12PDf
Фотографија: dapd

„Во моментов не знам што да кажам. Ќе ми треба малку време.“ На прашањето за трката на 200 метри Болт процеди: „Трката е дури в петок, ќе видиме дотогаш.“

Непријатноста на најголемиот спринтер одново ја отвори темата околу правилото за дисквалификација со првиот погрешен старт. Од канцеларијата на ИААФ веднаш уследи одговор: „Правилата важат за сите.“

И во моментите на шок, атлетичарите на Јамајка го задржаа брзинскиот примат. Јохан Блејк, тренинг-партнерот на Болт блесна во финалето со 9.92. Американецот Волтер Дикс и ветеранот од Сент Кит и Невис, Ким Колинс не му беа големи опоненти.

Без најбрзите атлетичари во моментов, Болт, Пауел и Геј, финалето во Даегу делуваше сиромашно ,исплакнато, без „громовите“ од претходните неколку фасцинантни „стотки“.

Nadine Mueller
Надин Милер остана недостижна во фрлање дискФотографија: dapd

Уште еден атлетски великан, Кенениса Бекеле, неприкосновениот владетел во трките на долги патеки, не стигна на целта на 10 илјади метри. Славниот Етиопеец на средината од трката неславно ја напушти патеката. Во Даегу дојде да го освои петтото мондијалско злато едноподруго, но 18-месечното отсуство поради повреда беше предолг период дури и за еден Бекеле. Но, наследникот на етиопските победници е младиот Ибрахим Џеилан, кој беше инспиратор на прекрасна трка. Кога сите веќе го видоа Британецот Фарах како нов шампион, само Џеилан веруваше во својот финиш.

Надин Милер ја отвори кутијата за драгоцености на германскиот тим во Даегу. Среброто во фрлање диск го заслужи со далечината од 65.97 метри, Со Милер, Германија во оваа дисциплина добива добар репрезент и за Олимпијадата во Лондон наредната година.

Атлетиката е во врвот на најспектакуларните спортови. Особено Пекинг 2008  и Берлин 2009 поставија исклучително високи организациски и натпреварувачки норми. Врз база на почетните впечатоци, Даегу во тој поглед веројатно ќе заостане. Домаќинот очигледно има проблем со продажбата на влезните билети. Ако во денот на финалето на 100 метри стадионот е полупразен, како ќе биде во другите денови? Бројните известувачи од светот, навикнати на високи стандарди во известувањето, се соочуваат со недостиг или ненавремено добивање на потребните информации. Можеби во наредните денови компензација за неискуството ќе биде големиот труд, кој го вложува организаторот.

Автор: Златко Калински

Редактор: Трајче Тосев