1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болт во легендите, Рудиша во историјата

Златко Калински10 август 2012

Болт победи и на 200 метри и стана првиот атлетичар во историјата со одбрана на олимписките титули на 100 и на 200 метри. Кениецот Дејвид Рудиша го собори сопствениот светски рекорд на 800 метри.

https://p.dw.com/p/15nMW
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Јас сум сега легенда... јас сум најголемиот атлетичар денес... Јамајка е најголемата спринтерска земја...! Се’ уште задишан по финалето на 200 метри, Јусеин Болт го испали првиот егзалтирачки свој рефрен, додека 80. илјади гледачи на Олимпискиот стадион во Лондон му аплаудираа и го поздравуваа новиот негов подвиг!

Само неколку моменти пред тоа, Болт беше соочен со единствениот личен предизвик. Да стане првиот човек во атлетската историја, кој победил на 100 и на 200 метри на две Олимпијади едно по друго.

Кога во финалето на 200 метри се крена од старниот блок, само 19-тина секунди го делеа од највисоките цели. Победи! На семафорот блесна резултатот од 19.32! Сопствениот светски рекорд (19.19) Болт не го собори, но тоа и не му беше приоритетната цел, туку да си обезбеди спортска бесмртност.

„Трката на 200 метри беше потешка одошто очекував. Можеби и поради притисокот, кој се зголемуваше, како што се приближуваше времето за почеток. Сепак, успеав да се фокусирам на стартот“, објаснуваше Болт.

London 2012 - Leichtathletik
Јусеин Болт се запиша во легендитеФотографија: Getty Images

Атлетиката памети дузина великани на спринтот. Славни имиња, кои ја испишувале историјата, но никој не стигнал до височините до кои се крена „светлечкиот“ Јамајканец. Во Пекинг пред четири години, го искова првиот златен „дабл“ на 100 и на 200 метри, во Лондон го повтори истото! Само Финецот Ласе Вирен е со слично остварување, со победите во трките на 5.000 и на 10.000 метри на Олимпијадите во Минхен во 1972-та и во Монтреал во 1976-та.

„Ова е мој момент. Ова, никогаш нема да го заборавам. Јас знаев колку е значајна Олимпијадата во Лондон за мене и јас сум горд на себеси“, емотивно изјавви Јусеин Болт по триумфот во финалето на 200 метри.

Следниот настап тој ќе го има во штафетата 4х100 метри. Ќе се обиде да го освои и третиот златен медал во Лондон.

Во трка со времето

Финалните трки се завршната битка за медалите. Финалето на 800 метри беше сосема различно. Тоа се претвори во трка на еден човек со времето. Кениецот Дејвид Лекута Рудиша ја доби битката на самиот со себе, го освои златниот медал, а на Лондон му го подари првиот атлетски светски рекорд - 1.40.91!

Со стартниот истрел Рудиша тргна фуриозно, оставајќи ја колоната на останатите финалисти неколку метри зад себе. Кога првиот круг го мина за 49 секунди, поттикнат од шансата за рекорд, влезе во трката со времето, бидејќи му беше јасно дека нема да има пречка од конкурентите на патот до златниот медал. На целта, сопствениот светски рекорд го подобри за 10 стотинки.

London 2012 - Leichtathletik
Рудиша го собори сопствениот рекордФотографија: picture-alliance/dpa

„Многу сум среќен. Би сакал овој момент да потрае што подолго. Дојдов во Лондон да победам, но и да го соборам мојот рекорд. Не се сомневав во успехот. Денеска и времето беше убаво, па решив да се обидам да истрчам рекордно“, изјави Рудиша по трката.

Повеќе од 2 години Дејвид Рудиша е супериорниот суверен на оваа делница. Во 2010-та во Риети (Италија) го собори рекордот на својот сонародник со дански пасош, Вилсон Кипкетер. Истрча за 1. 41.01. Минатата година во Даегу победи на Светското првенство. Изданок на племето Нанди, атлетски најнадареното племе за трчање во Кенија, веќе со 23 години ги остава зад себе и најпрестижните спортски бариери. Израснат во средина атлетски едуцирана, татко му Даниел Рудиша е освојувач на сребрениот медал на Олимпијадата во Сјудад Мексико во 1968-та во штафетата 4х400 метри, тој брзо влегува во силната атлетска матица. Со 23 години е шампион над шампионите и сопственик на сите значајни титули во трките на 800 метри!