Болните резови во грчката администрација
20 ноември 2012Службеници и вработени во јавните дејности од вчера (19.11.) излегоа на штрајк против идните прогласувања технолошки вишоци и принудни прераспоредувања. Штрајкот главно е во јавните претпријатија, какво што е тоа за собирање на отпадот. Државните градинки ќе се посетуваат од синдикатите за да се осигура дека за време на штрајкот не работи ниту една воспитувачка.
Темис Баласопулос, шеф на Синдикатот на јавните претпријатија, ги бранеше своите остри методи на грчките телевизии.
„Владата до сега ниту еднаш не можеше да ја утврди точната бројка на вработени во општините, не знае дали и каков персонал и’ е потребен или не и’ е потребен, па и покрај тоа таа сака оваа година да ни скрати уште 3.000 работни места. Тоа е спротивно на постоечкиот закон“, нагласи Баласопулос.
„Технолошки вишоци на рати“
Грција веќе еднаш се обиде да го намали бројот на вработени во јавната служба. Во 2010-та година тогашната социјалистичка влада најави т.н. „работничка резерва“ за јавните службеници, која вклучуваше вишокот персонал една година да добива намалена плата и на крајот или да биде отпуштен или, пак, прераспределен. Од шефовите на одделите во министерствата и на одборите во јавните претпријатија беше побарано да направат и достават листа на непотребни работници. Нивниот одговор предизвика изненадување. Нема непотребни работници и, напротив, постои акутен недостиг од работници, информираа најголем дел од шефовите.
За да избегне незадоволство, конзервативниот премиер Антонис Самарас направи поинаков пристап. Тој предложи голем дел од работниците без средно образование и без статус на државен службеник, а кои имаат договор на неопределено време добиен од грчката држава, да преминат во „работничката резерва“, без разгледување на секој поединечен случај.
Според последните податоци од Министерството за внатрешни работи, на крајот нема да има отпуштања, туку само предвремени пензионирања и принудни прераспределувања. Но, портпаролката на Синдикатот на јавните службеници АДЕДИ Танија Карагијани не верува во ваквите ветувања. Во реалноста се работи за „прогласување технолошки вишоци на рати“, кое е прикриено, се пожали таа на атинската телевизија Скај.
„Оној кој точно може да го простудира текстот на законот и да прочита меѓу редови, тој и ќе види дека властите имаат на ум кратење на работни места“, обвини Карагијани.
На сите им е јасно дека „Тројката“ побара отпуштања во јавниот сектор. Одговорниот министер вети дека нема да има отпуштања, туку само принудни прераспоредувања, а тоа звучеше секако само не искрено.
„Прераспоредувањата се можни според постоечкиот Закон за државни службеници и во овој случај не ни треба нов закон ниту некаква работничка резерва“, смета претставничката на синдикатот.
Надуен државен апарат
Од избивањето на должничката криза во грчката јавност контроверзно се дискутира за тоа дали земјата продуцира премногу државни службеници. Синдикатите го негираат тоа и информираат дека 14 проценти од работната сила во земјата отпаѓаат на јавната администрација, што било под европскиот просек.
Како и да е, грчката држава мора да се ослободи од 200.000 вработени лица во администрацијата. Ако земјата го спроведеше тоа во 2011-та година, сега Грција ќе ја имаше оставено рецесијата зад себе.