1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болниот Алек од Македонија сака да се врати во Германија

БГ
7 март 2018

Судбината на 12-годишниот Алек, кој во Македонија живее со својот татко-зависник од дрога, го привлече вниманието на регионалните медиуми во Германија. Болниот Алек има само една желба: да се врати во Германија.

https://p.dw.com/p/2tp59
Deutschland Junger Migrant in der S-Bahn in Berlin
Фотографија: picture alliance/dpa/W. Steinberg

„Сакам да се вратам во Германија кај мојата баба“. Секој кој телефонски разговара со 12-годишниот Алек во Македонија, ја слуша оваа реченица на секои две минути. Не трае долго додека од другата страна на линијата не почнат да се слушаат плач и солзи.

Случајот на Алек веќе неколку месеци предизвикува жестоки дискусии во германската покраина Хесен. На почетокот на февруари годинава, Алек беше депортиран во Македонија кај неговиот татко. За него дотогаш во Германија се грижела неговата баба, но таа се разболела и завршила во болница.  Самиот татко со писмо признал дека поради неговата болест и зависност од дрога не е во можност да се грижи за синот. Но, тоа не ги спречило германските власти во соработка со македонските, да го организираат враќањето на Алек во Македонија.

Траума

Алек е тешко болен. Околу две години престојувал во посебен центар за згрижување на млади лица кои страдаат од психички и физички болести. Лекарите во Германија оцениле дека момчето е психички болно, трауматизирано, во опасност од самоубиство и зависно од лекови за смирување.

Symbolbild Flüchtlinge Polizei Kontrolle Abschiebung
И покрај болеста, момчето било депортирано од Германија во МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

Веќе еден месец Алек живее во Куманово кај својот татко. Според Советот за бегалци на покраината Хесен, таткото на Алек е зависник од дрога и претходно осудуван за семејно насилство. Неговата мајка починала од предозирање со хероин кога детето имало четири години.

Според сопствено признание, Алек не може да издржи ни два дена кај својот татко во Куманово и постојано бега кај својата тетка во Скопје.
„Кај мојот татко дома е одвратно, не може да се оди ни во тоалет. Никој не се грижи за мене, не можам да одам ни на училиште, а нема многу ни за јадење“, вели Алек за порталот „Хесеншау“.

Сѐ е според законот

Одговорниот за депортации во владата на градот Гисен, тврди дека за Алек во Македонија се грижат тамошните социјални служби. Неговата баба одбила доброволна депортација на Алек во Македонија, но поради тоа што неговиот татко бил единствениот правен старател, тој сепак бил депортиран.

Kumanovo Mazedonien
Алек тврди дека во Куманово нема основни услови за животФотографија: Petr Stojanovski

Советот за бегалци не се согласува со ваквото толкување и ангажирал адвокат кој ја истражува депортацијата на малолетникот. Тие сметаат дека бабата треба да го добие правото на старателство.

Притоа, отворена е и сметка за донации за помош на Алек. Досега се собрани околу 1.000 евра за трошоци за адвокатот, лекови и за негово враќање. Но шансите за Алек да се врати во Германија, според Советот за бегалци, се мали. „Доколку воопшто успее, ќе трае многу долго. Некои се бореа и цели две години пред да добијат право да се вратат“, велат оттаму.

Но, Алек нема на располагање толку време. Залихите на лекови кои му се потребни ќе издржат уште само неколку недели. Се работи за високо дозирани средства за смирување кои му се неопходни.

Неговата баба и натаму живее во Алсфелд. Ноќта пред депортацијата на Алек таа си ги пресекла вените од страв дека и самата ќе биде депортирана. Алек вели дека не сака да се врати во Германија само заради себеси, туку и за да се грижи за својата баба.