1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Божји благослов за 50 евра

Штефани Хепнер / Елизабета М. Фиданоска11 јуни 2013

Се‘ повеќе луѓе во Германија ја напуштаат црквата. Сепак, голем број луѓе сака црковно венчање и духовен говорник. Решение за тој проблем нуди „Rent a pastor“ (изнајми свештеник, н.з.)

https://p.dw.com/p/18muI
Фотографија: Fotolia/Marco Scisetti

Андреа живее во Франкфурт и сака нејзината свадба не да биде само голем ден, туку и индивидуален ден. „И покрај тоа што не одиме редовно во црква, не сакавме свадбата да ни биде стандардизирана церемонија“, вели Андреа. Таа му се обратила на Мики Визе, дипломиран теолог, кој себеси се нарекува „свештеник за настани“ и на христијаните им нуди венчање и покрај тоа што не се членови на црквата.

Визе на своите клиенти им советува венчање на необични локации, како венчање на лозје. Паровите кои сакаат да стапат во контакт со него, може да го најдат на посебна интернет страница.

На страницата „Rent a pastor“ може да се најдат теолози од секој дел на Германија. Има мноштво понуди. Покрај Визе може да се изнајми „неконвенционален говорник“ кој е познат од „различни телевизиски емисии“. Може да се изнајми и Бразилец, кој е специјализиран за мутликултурни венчавки. На страницата се регистрирани околу 20 говорници, а изнајмувањето чини околу 50 евра на час. Теолози може да се изнајмат и за погреби.

Страницата ја стартуваше Замуел Дикман, обучен свештеник од евангелистичката заедница во покраината Хесен. Тој ја разви идејата пред 4 години и сервисната услуга, со цел да заработи нешто дополнително, прво стоеше на неговата лична страница. На крајот на минатата година неколкумина колеги му се обратиле со желба да соработуваат во работата, па така е создадена заедничката страница.

Тоа е Холивуд?

Целната група на „Rent a pastor“, односно во превод „Изнајми свештеник“, се луѓето кои веќе немаат врска со црквата, но се‘ уште веруваат во господ или бараат професионален говор на својата свадба, оценува Дикман. „Слободни говорници има како песок на плажа, но за двојките е тешко да дознаат каква личност навистина се крие зад понудата. Затоа ние се рекламираме со нашата професионална етика.“ Дикман и самиот веќе венчавал двојки на тематски свадби, како една хипи-свадба, кога носел ѓердан од цвеќе околу вратот. „Среќата на двојката е најважното нешто.“

Samuel Diekmann Gründer von "Rent a pastor"
Замуел Дикман, основач на „Rent a pastor“Фотографија: Samuel Diekmann

Тоа е поттикнато од Холивуд, се жали Фолкер Ленерт, теолог во евангелистичката црква. Тој на новите понуди на своите колеги гледа со скепса: „Добро е што на овие манифестации се‘ уште до израз доаѓа верата во бога, но лошо е што тоа испраќа негативен сигнал дека може да се добие ’црковен филинг’ на церемонијата и без да сте член на црквата. Ако тоа го прават сите, тоа ќе значи крај на црквата.“

Црковните заедници се намалуваат

Се‘ повеќе луѓе ги напуштаат католичката и евангелистичката црква. За истапувањето од црквата посебно придонесоа сличаите на злоставување во христијанските училишта и домови - во 2010 година црквата ја напуштија околу 180.000 католици и 145.000 протестанти. Во моментов само околу 60% од луѓето во Германија припаѓа на една од двете најголеми христијански цркви. Бројот најверојатно ќе паѓа уште, зашто околу еден милион Германци размислуваат да ја напуштат својата црква.

Symbolbild Kirche Sexueller Missbrauch
Фотографија: Fotolia

Основачот на „Rent a pastor“ Дикман смета дека неговиот сервис не е насочен против црквата. Напротив, тој е убеден дека со неговата понуда дел од луѓето повторно би можеле да ја пронајдат верата. „Кога ќе ви се расипе автомобилот, а не сте член на автомото сојузот, можете сепак да побарате помош таму и ќе ви помогнат. Но често е така што кога ќе се случи нешто да се расипе се размислува да се стане член на автомото сојузот“, објаснува Дикман. Тој се надева на сличен ефект и кај духовните понуди. „Овде-онде навистина успеваме да придобиеме некого - со добра услуга, љубезност и хумор.“