Богов прогнозира позабавен економски раст годинава
2 февруари 2012Прогнозата за растот на БДП од 2,4 проценти претставува надолна ревизија во однос на проекцијата на НБРМ од три проценти во ноември лани, додека оценките за инфлацијата остануваат непроменети.
„Ревизијата од ноември до сега е поради намалената екстерна побарувачка, а тоа се податоци кои ги добиваме од меѓународни извори. Во овој момент анализите покажуваат дека 2,4 проценти е реален раст при екстерна побарувачка од минус 0,3 проценти“, рече гувернерот на НБРМ Димитар Богов на прес-конференција.
Во однос на разликите во проекциите со Владата која очекува раст на домашната економија од 4,5 проценти, Богов истакна дека Министерството за финансии има резервни варијатни и доколку не се реализираат приходите има мерки за прилагодување.
Лани, посочи Богов, јавната потрошувачка имала негативен придонес кон растот, но инвестиците позитивна стапка на раст.
„Тука голем придонес имаат јавните инвестиции. За оваа година како што ги гледаме податоците повторно даваат предност на јавните инвестиции. Засега не гледаме одредени ризици по монетарната политика од спроведувањето на фискалната политика, односно немаме нерамнотежи предивикани од јавната потрошувачка и инвестиции“, појасни гувернерот на НБРМ.
Според него, годинава останува поволното макроекономското сценарио, стабилноста не е загрозена и не се очекува значително да се промени амбиентот за спроведување на монетарната политика.
„Структурните промени во економијата кои се случуваат последните години ја зголемуваат отпорноста на домашната економија и нејзиниот потенцијал за раст така што даваат одредена доза на подобри очекувања во однос на амортизирањето на ударите од рецесијата во еврозоната. Затоа очекуваме да продолжи економскиот раст иако со забавена динамика“, рече Богов.
Главен носител на растот годинава ќе биде домашната побарувачка, при негативен придонес на нето-извозт. Главен ризик за економскиот раст остануваат случувањата во еврозоната.
Динамиката на инфлацијата која на годишно ниво според НБРМ треба да изнесува 2 проценти, е главно условена од светските цени на храната и нафтата. Ризиците за проекцијата на инфлацијата и натаму се главно надолни и се однесуваат на евентуално поголемо намалување на светската економска активност, што би условило поголем пад на странските цени, како и поголемо забавување на домашната економија од очекуваното, смета НБРМ.
Дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања централната банка оценува дека ќе остане непроменет и ќе изнесува 4,5 проценти од БДП. Оценките се дека во целост ќе биде финансиран од капиталните нето-приливи, овозможувајќи дополнителен раст на девизните резерви и задржување на покриеноста на увозот со девизни резерви од над четири месеци.
Минатата година македонската економија ја завршила со раст од 3,3 проценти и просечна стапка на инфлација од 3,9 проценти. На крајот на 2011 година девизните резерви достигнале 2.069 милиони евра, обезбедувајќи месечна покриеност на увозот за следната година повисока од четири месеци (4,3).
Автор: ЖА/АТ/миа
Редактор: А. Трајковска