1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богатства украдени од нацистите ги чекаат сопствениците

С.Недевски/АТ/дпа/дв31 јануари 2013

Хитлер дојде на власт на 30. јануари 1933. Набрзо уследија прогонувањата на Евреите и на неистомислениците, чија сопственост беше конфискувана. И денес се’ уште се наоѓаат одземените уметнички дела во германските музеи.

https://p.dw.com/p/17V8h
Фотографија: imago/ZUMA/Keystone

Рачниот часовник со брилијанти бил подарок за нејзиниот 27 роденден. „За 6.2.1939 најсрдечно А. Хитлер“, пишува на задната страна на часовникот кој е дел од наследените работи на долгогодишната љубовница на Хитлер, Ева Браун (заедно на фотографијата горе) со која се оженил непосредно пред самоубиството. Тој часовник заедно со останатото нацистичко богатство веќе со децении е чуван далеку од очите на јавноста во Новата галерија во Минхен. Тука се наоѓаат и други вредни предмети кои некогаш им припаѓале на национал-социјалистичките челници, на пример златни манжетни, златен бокал за шампањ и вреден накит на Херман Геринг.

Што е „праведно“ решение?

Brillantuhr von Eva Braun
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од каде потекнува златниот часовник за Ева Браун, не е познато. Можеби на Хитлер му го изработиле по нарачка, а можеби му припаѓал на некое еврејско семејство. Од доаѓањето на Хитлер на власт на 30 јануари 1933 година па се’ до крајот на Втората светска војна украдената сопственост на богатите Евреи, и тоа во прв ред накит и уметнички дела, редовно се делени на нацистичките челници.

Од крајот на Втората светска војна поминаа децении, но и понатаму за голем број предмети не е можно да се утврди кому му припаѓале некогаш, или со други зборови, кому треба да бидат вратени.

Всушност тоа прашање барем теоретски е решено во изјавата од Вашингтон од 1998 година. Неа ја потпишале 40 држави, меѓу кои и Германија. Тие се обврзале оти ќе ги идентификуваат украдените уметнички дела и вредни предмети и ќе ги пронајдат вистинските сопственици на кои ќе им биде вратена нивната сопственост или ќе биде пронајдено „праведно решение“. Звучи логично, но проблемот е во тоа што во пракса тој поим „праведно решение“ се толкува различно.

Недостасуваат пари, но и време



Околу сликата на Пикасо „Мадам Солер“ се водеше долгогодишна правна битка меѓу минхенската Нова галерија и наследникот на еврејскиот колекционер Паул фон Менделсон- Бартолди. Во Диселдорф наследниците на еврејскиот трговец со уметнички дела Алфред Флехтајм бараат да им се врати делото „Федерфланце“ од Паул Кле, кое се наоѓа во уметничката збирка на германската покраина Северна Рајна Вестфалија.

Brillantuhr von Eva Braun
Фотографија: picture-alliance/dpa

За утврдување на потеклото на одземените вредни предмети често недостасуваат пари. Затоа поранешниот сојузен министер за култура, Михаел Науман во германскиот неделник „Шпигел“, во кој за одземените уметнички дела има опширен текст, бара поголеми финансиски средства за истражување на потеклото на украдените и одземените предмети кои сега се наоѓаат во германските музеи.

Само во Баварските државни збирки на слики има 4.400 слики и 770 скулптури кои тука стигнале по доаѓањето на национал-социјалистите на власт 1933 година и чие потекло се’ уште не е познато. За истражувањето на судбината на тие дела е задолжена историчарката на уметност Андреа Бамби. Таа вели дека за утврдување на потеклото за секое дело се потребни 6 месеци до една година. Тоа значи дека во најдобар случај нејзината работа ќе биде завршена во 2585. година.