1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богати Јужноевропејци, сиромашни Германци?

Жанг Данхонг / Елизабета М. Фиданоска18 април 2013

Кој би помислил дека Германците, кои го носат најголемиот товар во спасувањето на еврото, се многу посиромашни од, на пример, Кипраните, Шпанците или Италијанците? Така барем тврди една студија на ЕЦБ.

https://p.dw.com/p/18E1C
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада чувствува потврда за своето барање во спасот на Кипар да учествуваат богатите штедачи во банките во таа земја. Од владини кругови се вели дека во спротивно во Германија не може да се објасни зошто би требало да се даде помош. Зашто, според студија на Европската Централна Банка (ЕЦБ), објавена во вторникот (09.04.2013), Кипраните се три пати побогати од Германците.

ЕЦБ им дала налог на националните централни банки да анкетираат вкупно 62.000 домаќинства во 15 европски земји. Од 17 членки на монетарната унија, само Ирска и Естонија не учествувале во анкетата. Притоа се собираат заштедите, недвижнините или автомобилите, а се одземаат долговите.

Резултатите покажуваат дека домаќинствата во земјите во криза во просек располагаат со поголем имот отколку во солидните северни земји, кои за акциите за спас на коцка го ставаат својот најдобар бонитет.

Според студијата, токму мини државата Кипар која се спасува во моментов, со просечно нето-богатство од 670.900 евра по домаќинство, е на второ место во еврозоната. Побогати се само граѓаните на Луксембург. На петто и шесто место се две големи земји во криза - Шпанија и Италија, со нешто помалку од 300.000 евра. Тоа е многу помалку од земјите на врвот на листата, но далеку повеќе од она што Германците го поседуваат. Со 195.200 евра по домаќинство Германија се наоѓа на деветтото место, зад Австрија и Франција. Тоа што двете земји сојузници во спасот на еврото - Холандија и Финска се уште подолу на листата, за Германците е мала утеха.

Symbolbild Neuverschuldung
Кој е навистина побогат?Фотографија: ferkelraggae - Fotolia.com

Со други зборови: Северноевропејците ги преземаат гаранциите за кредити и наскоро веројатно ќе мора да плаќаат повисоки даноци за Јужноевропејците да се извлечат од криза и за да се зачува монетарната унија.

Треба да се фрли и втор поглед

Но колку и да изгледаат скандалозни резултатите од студијата на прв поглед, треба да се фрли и втор поглед на сето тоа. Така ќе се види, на пример, дека од анкетата се исклучени пензиските осигурувања, а токму тие во Германија се високи. Според Бундесбанката, тие дури се и важна причина зошто многумина Германци не сметаат дека е неопходно да создаваат друг имот.

Тоа што поседувањето недвижен имот има одлучувачка улога при создавањето слика за богатството на граѓаните, дополнително ја релативизира студијата на ЕЦБ. На пример, во Шпанија 83% од испитаниците имаат свој стан или куќа, а само 44% од Германците живеат во сопствени четири ѕида. Тоа од една страна се должи на тоа што германските банки при своите одлуки за давање кредити за недвижнини многу повеќе обраќаат внимание на ризиците, односно на тоа колку лицето што зема кредит вложува свој капитал и каков е неговиот бонитет. Од друга страна, ставот на Германците со текот на времето е променет, па младите семејства не се отселуваат од градовите и не одат да живеат во свои куќи во провинција, туку остануваат во метрополите во станови под кирија. Самците исто така имаат се‘ помалку недвижнини во свој посед и живеат под кирија.

Symbolbild Mittelschicht Eigenheim
Во Шпанија над 80% од граѓаните имаат свој стан или куќа, а во Германија сопственици на недвижности се само 44% од граѓанитеФотографија: Fotolia/VRD

Додека во Германија живеењето под кирија не е и знак на сиромаштија, во земји како Шпанија поседувањето свој стан или куќа во никој случај не значи и богатство. Во дел од земјите на еврозоната пукна таканаречениот меур на недвижности. Луѓето кои во времето на бумот стигнале до кредит за недвижности, сега се во опасност да не можат веќе да ги плаќаат кредитите. Освен тоа, податоците на ЕЦБ за Шпанија датираат од 2008 година, а оттогаш цените на недвижностите се паднати за 40%.

Но, иако некои податоци се застарени и можеби не се сеопфатни, тоа ништо не менува на основната теза на студијата  дека и покрај тоа што некои земји се високо задолжени, во Јужна Европа има големо приватни богатство. Оттука, може да се претпостави дека германската влада и во иднина нема да отстапи од стратегијата - давањето помош да биде поврзано со строги услови.