1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БМВ – Лајпциг

18 мај 2005

Деновиве во Лајпциг беше отворена нова фарбика на автомобилскиот концерн БМВ што е истакнато како нов, посебен ангажман во новите покраини. По Фолксваген и Порше, фирмата од Баварија со нови 2 ипол илјади работни места, постави важен камен темелник во Саксонија која се развива како центар на автомбилската индустрија. Повеќе од наредната репортажа:

https://p.dw.com/p/AeOp
BMW-логото: отворена нова фабрика во Лајпциг
BMW-логото: отворена нова фабрика во ЛајпцигФотографија: dpa

На север од Лајпциг во реалноста може да се види еднаш ветеното: „расцутени пејсажи„. Автопат со три ленти што води директно од аеродромот до градот каде што во иднина ќе се најде и поштенската логиситика ДХЛ во таканаречениот европски тријаголник. Наспроти тоа, центарот на Карштат веќе е остарен, а тоа беше првата инвестиција од неколку милијарди во новите покраини. Чекор потаму Порше ги монтира спортските автомобили „Кајен„. На другата страна од автопатот алејата БМВ води директно во најмодерната фабрика на баварскиот производител на автомобили. Инвестирани се милијарда и 300 милиони евра. Од март веќе тече производството на новиот БМВ автомобил. И тоа без никакви проблеми, вели шефот на БМВ – Лајпциг, Петер Клаусен. Кога пред четири години го започна овој проект, тој откри дека:

„...постои неверојатен работен потенцијал. Најдовме луѓе кои не само што сакаат да ги придвижат работите, туку тоа го можат со исклучителните квалификации задно со подготвеноста за доквалификување. А, тоа е многу значајна тема за долгорочен успех„.

Еден од сегашните 2 ипол илјади вработени е Јерг Линднер. 38-годишниот беше еден од 130-те илјади кандидати и имаше среќа. Денес ги прави завршните проверки на крајот од монтажната линија. За него решението на БМВ да изгради фабрика во Лајпциг е извонредно:

„Во секој случај е супер. За мене тоа значи работа и тоа е најважното. Претходно бев невработен, и затоа ми е многу важно што работам овде„.

Кога фабриката наскоро ќе работи со полн капацитет, ќе се отворат нови 5 ипол илјади работни места, но тоа не предизвикува никаква еуфорија. Од поранешните преку 140 илјади работни места во индустријата, по обединувањето во регионот на Лајпциг останаа само уште околу 20 илјади. Стапката на невработеност изнесува преку 20 насто. Од тие причини шефот на БМВ – Лајпциг Клаусен ја смирува еуфоријата на политичарите:

„Доаѓањето на БМВ во споредба со вкупната ситуација на пазарот за работа, буквално е капка на врел камен. Зашто со вкупниот број вработувања во БМВ, ни од блиску не го решаваме проблемот со невработеноста во овој регион кој, инаку, има големи потенцијали„.

Па сепак, кога некој автомобилски концерн отвора нова фабрика во Германија, тогаш е дозволено и радување. И секако, се зборува за сигнали. Хелмут Панке, шеф на извршниот одбор на БМВ:

„Би можело да наликува дека е невообичаено што една германска фирма воопшто отвора нова фабрика за автомобили. Мислам дека е уште поневообичаено таа да биде изградена во Германија. Тоа значи дека Германија се уште има најдобри претпоставки за успех на меѓународен план и затоа ова решение е сигнал, не само за фирмите, туку и за регионот Лајпциг – Хале: дека автомобилската индустрија во Германија има иднина„.