1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блокада за канцеларката

Бернд Греслер/ Симе Недевски1 март 2013

За владата на Ангела Меркел до крајот на мандатот ќе биде непријатно. Опозицијата, со новостекнатото мнозинство во Бундесратот има намера да ја определува политичката агенда. А може да блокира уште повеќе владини закони.

https://p.dw.com/p/17ny2
Фотографија: dapd

„Не можеме да го оставиме Бундесратот самиот да маршира“ вака се цитира една реченица на канцеларката Ангела Меркел која наводно била искажана во тесен круг приврзеници. Притоа станувало збор за тоа дека германската влада треба да поднесе претставка пред Уставниот суд за забрана на десно-екстремистичката Национално демократска партија (НПД) , исто како што стори Советот на покраините Бундесратот уште пред два месеца. По долго колебање канцеларката има намера да дејствува. Конечно темата е премногу експлозивна за да му се остави само на горниот дом на парламентот- Бундесратот, каде опозицијата има мнозинство. Впрочем би можело да изгледа дека владата не покажува доволно интерес за одлучувачката постапка против десниот екстремизам.

Советот на покраините во кој доминира опозицијата станува се’ поголем проблем за владата на Меркел. Сето започна уште во 2010 година кога коалициските партнери во владата, Христијанско Демократската Унија (ЦДУ) , Христијанско Социјалната Унија (ЦСУ) и Либералната партија по повеќе загубени покраински избори го загубија мнозинството во Бундесратот. Во него претставниците на покраинските влади ги проверуваат сите закони усвоени од долниот дом на парламентот- Бундестагот, со кои се погодени внатрешните работи на 16-те германски покраини.

Можна е тотална блокада на законите

Веќе подолго време германската влада е упатена на компромиси со опозицијата, кои често се постигнуваат дури по долги и исцрпувачки преговори во Комисијата за посредување меѓу Бундесратот и Бундестагот. Владата покрај тоа се обиде преку правни трикови да го исклучи Бундесратот од законодавниот процес, со тоа што прогласуваше дека за некои предлог-закони нема обврска за согласност од Бундесратот. Меѓутоа по изборите во покраината Долна Саксонија во јануари годинава и на тоа му дојде крајот. Покраините во кои владејат Социјалдемократите, Зелените и Партијата на левицата од тогаш поседуваат 36 од вкупно 69 гласови во Бундесратот.

infografik Sitzverteilung Bundesrat
Актуелна поделба на местата во Бундесратот:

Со ова мнозинството опозицијата сега може сите предлог-закони на владата кои доаѓаат во Бундесратот без исклучок да ги стопира или да ги упати во Комисијата за посредување и таму во крајна линија да ги блокира се‘ до крајот на мандатот на оваа влада. Сите закони, кај кои Бундесратот има право на соодлучување сега се упатени на милоста на опозицијата. А на тоа владата ретко кога може да смета.

Бундестагот не е подобен само за блокади

Но Советот на покраините не може да се набљудува само низ партиска призма, бидејќи честопати премиерите на сојузните покраини одлучуваат според сопствените интереси и не според желбите на нивните партиски централи во Берлин. Но во предизборен период како овој тоа ретко се случува.

Меѓутоа Бундесратот не е подобен само за блокада. Тој има и право да започнува сопствени законски иницијативи. Во наредните месеци опозицијата има намера да го подготви теренот за нова влада на Социјалдемократите и Зелените. Во Бундесратот треба да бидат усвоени законски иницијативи за законски утврдени минимални примања за еден час работа, даночно изедначување на хомосексуалните двојки или пак трајното двојно државјанство за децата родени во Германија од родители странци.

Меѓутоа и власта има сопствен адут во раката и со мнозинството во Бундестагот може да ги отфрли ваквите иницијативи кои ќе призлезат од Бундесратот. Но опозицијата со иницијативите сака да поентира кај избирачите и да им покаже: гледајте, ние мислиме сериозно. И доколку на 22 септември на изборите за Бундестагот, ни дадете мнозинство, сите овие закони можат да станат реалност.

Зашто едно нешто е сигурно. Доколку СПД и Партијата на зелените успеат заеднички да победат на парламентарните избори во септемви, нивната коалициска влада на чело со социјалдемократскиот предизвикувач на Меркел, Пер Штајнбрик би можела најмалку една година да владее без блокади. Барем до покраинските избори во есента 2014 година во Бранденбург, нивното мнозинство во Бундесратот не може да биде загрозено.