1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блокадата на Македонија не е европско решение!

13 октомври 2011

На Грција мора да и‘ се укаже дека врзувањето на членството на Македонија во ЕУ со спорот со името не е европско решение, изјави за Дојче веле Јохан Вадефул, пратеник во Бундестагот од партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ.

https://p.dw.com/p/12qrb

„Германската страна ќе инсистира земјите како Хрватска, Србија, Црна Гора да не се третираат поинаку од Македонија. Ќе водиме сметка Македонија да добие фер шанса за конкретни преговори. Ова од земјата бара продолжување на политичките и економските реформи. Не смее да има пауза. Мора да има движење во насока на ЕУ. И кога ќе го има ова темпо, ЕУ мора тоа да го забележи и да го награди!“, вели Јохан Вадефул, известувач за Македонија од пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, кој не ја крие изненаденоста што во Извештајот за напредок, Европската комисија толку брзо и позитивно ги оценила Србија и Црна Гора.

Тој за Дојче веле истакна дека согледувањата во извештајот се поклопиле со неговите лични гледања за состојбата во земјата, пред се’ во однос на политичките критериуми за коректно спроведените избори, но и во однос на добриот тренд во економијата, што е во насока на пазарното стопанство кое добро ќе функционира. Иако има уште задачи кои треба да се сработат, пред се’ во сферата на слободата на изразувањето и борбата против корупцијата, поради спорот со името со Грција, Македонија по трет пат не го доби посакуваниот датум за почеток на преговори.

Johann Wadephul CDU
Фер шанса и за Македонија - Јохан Вадефул пратеник во Бундестагот од ЦДУ-ЦСУФотографија: picture alliance/dpa

Солидарност за, но и од Грција?

На прашањето - не е ли момент, сега кога Грција  очекува солидарност од Европа за спас од банкрот, и ЕУ да побара грчка солидарност за деблокирање на европскиот пат на Македонија или можеб и Унијата не е заинтересирана за малата земја од Балканот, Вадефул одговара:

„Односите со малите земји ние секогаш  сме ги сметале за многу  важни и ова се однесува и на Македонија. Затоа не може да се каже дека има незаинтересираност и јасно е дека сите европски земји мора еднакво да се третираат“,  подвлече Вадефул, потсетувајќи дека Германија уште во времето на старата ЕУ посебно се залагала за малите земји од Бенелукс:

„Сигурно дека на грчката страна уште еднаш мора да и‘ кажеме дека врзувањето на членството на Македонија во ЕУ со спорот за името - не е европско решение. Од друга страна,  можеби е добронамерно и  Македонија да се советува да не го пренагласува Александар Велики, зашто сите заеднички треба да гледаме кон иднината И, доколку тоа се прави разумно, гледам добри шанси да се направи и исчекор нанапред!“,  коментира за Дојче Веле демохристијанот Јохан Вадефул.
 


Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи