Блер: не сум кочничар на европските процеси, туку забрзувач на неопходните промени
21 јуни 2005„Не можев да се согласам. Тоа не ќе беше добро ни за Европа, ни за Велика Британија„ – порача уште еднаш јасно и гласно Тони Блер во дебата пред британскиот Парламент. За неговите сограѓани ваквата позиција е повеќе од јасна и разбирлива. Британците сосема сигурно немаше да му простат доколку заземеше поинаква позиција и весниците ќе беа полни со обвинувања дека ги распродава националните интереси. Во јавното мнение на Обединетото Кралство ионака преовладува ставот дека тоа веќе сега плаќа премногу за Европа, а не добива доволно од неа.
Поддршка за позицијата на премиерот дојде и од редовите на опозицијата:
„Никој не е поодушевен од мене. Тоа беше исправно да се брани британскиот рабат. Премиерот има за тоа полна поддршка од нашата страна„ – порача шефот на конзервативната опозиција, Мајкл Хауард.
Но, за разлика од евро-скептиците во сопствената земја, Тони Блер спорот од самитот во Брисел не го сфаќа како принципиелно „не„ за Европа. Можеме да разговараме за тоа дали Британија треба да уплаќа и повеќе во заедничките каси, но претходно мораме да поразмислиме дали има смисла 40% од буџетот да се одлеваат во аграрниот сектор.
„... и тоа наспроти фактот што само 5% од сите граѓани во ЕУ се вработени во земјоделството. Ние даваме седумпати повеќе пари за аргарот, отколку за научните истражувања, за образованието и иновациите, за новите техники!„ – нагласува Блер. На тој начин Европа нема успешно да се соочи со предизвиците на глобализацијата во 21 век. Затоа тој е забрзувач на неопходните промени, а не кочничар на европските процеси.
На адреса на новите земји членки, кои се обидуваа да го спасат самитот и со жртвување на дел од сопствените интереси, Блер порача:
„Јас потполно ја разбирам загриженоста на новите европски земји и тоа што тие сакаат постигнување согласност околу финансиите. Ние ќе сториме се‘ за тоа да се оствари. Велика Британија отсекогаш се залагаше за проширувањето и тоа ќе продолжи да го прави. Но, да не заборавиме дека според сегашната поделба, цели 80% од средствата за аграрните и повеќе од 50% од оние за структурните и кохезионите фондови ќе продолжат да се слеваат во старите членки„ – појасни британскиот премиер.