1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка против моторџиските банди во Германија

Арне Лихтенберг / Александар Методијев27 април 2012

Кожни елеци, мотори и тетоважи – членовите на т.н. моторџиски клубови како Хелс Ејнџелс или Бандидос шират страв и терор во некои градови. Сега политиката презема драстични мерки.

https://p.dw.com/p/14lq8
Фотографија: picture alliance/dpa

Тие сакаат боречки изглед – кожни пантолони, појас со нитни и мрачен израз на лицето. Веќе подолго време моторџиските групите Хелс Ејнџлс, Бандидос, Гремиум МЦ и Аутлоус МЦ се „на мета“ на полицијата. Сега сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија го зголемува притисокот врз моторџиските банди. Во четвртокот (26.04.) покраинскиот министер за внатрешни работи Ралф Јегер ја забрани асоцијацијата „МЦ Бандидос Чептер Ахен“ и пет нејзини подгрупи. Повеќе од 600 полициски службеници ги пребаруваа становите и клубовите на моторџиите, по што го презентираа доказниот материјал, во кој има оружја, кеш пари и направа за прислушкување на полициското токи-воки.

Razzia Hell's Angels Schleswig-Holstein
Конфискувани предмети во еден моторџиски клубФотографија: AP

Моторџиските банди веќе долго време се сметаат за насилни и се осомничени за организиран криминал. Акцијата беше неопходна, вели министерот за внатрешни работи во НРВ, Јегер бидејќи имаше докази дека Бандидосите во околината на Ахен „сакаат да ја прошират својата криминална превласт“. Фактот дека бандите добиваат на влијание не смее да се испушти од раце.

„Од средината на 2005-та бројот на моторџиски групи е речиси удвоен“, вели Томас Јунгблут, шеф на одделот за организиран криминал во покраинската криминалистичка служба во Диселдорф. Денес Бандидосите имаат 25 подгрупи. Во моментов има околу 900 луѓе кои се организирани во тие банди.

Големи економски концерни

Моторџиските банди дејствуваат како „големи концерни“ низ Германија и цела Европа, вели Дирк Вилкинг, експерт за моторџии од Бранденбуршкиот институт за општествени истражувања. „Тие следат пред се’ економски интереси и лудуваат главно во делот на организираниот криминал“, вели Вилкинг.

Големите меѓународни банди тука се активни главно со трговијата со дроги и анаболични стероиди. „Така фитнес студијата се снабдуваат со средства преку дел од моторџиските банди“, вели Вилкинг. Притоа, бандите секогаш се обидуваат да дејствуваат надвор од границите на Шенген зоната, во земји на границите на Европа, каде можат да се снабдат со синтетички дроги од тамошни лаборатории. „Така, тие се надвор од ЕУ и опсегот на Еуропол“, додава тој.

На полицијата гонењето генерално и’ е се потешко. „Моторџиите се штитат против органите на прогон. Дури и кога некој е потешко повреден, нема докази кои би го довеле до идентификација на сторителот“, вели Томас Јунгблут, директорот на покраинската криминалистичка служба. Наместо тоа ќе се дадат потполно неверојатни изјави, за да се отежне или спречи истрагата. Предавање практично нема, а ако се случи, тогаш тие „мораат да се соочат со репресии“.

Flash-Galerie Hells Angels Razzia
Моторџиите се штитат меѓу себе во намерата да не бидат откриени од органите на прогонотФотографија: AP

Непогрешлива симболика

Како карактериктеристичен бренд со кој моторџиите се возат е Харли Дејвидсон, а притоа носат кожни елеци на чија позадина е амблемот на клубот. Тој кај Бандитосите претставува Мексиканец со пиштол и мачета, а кај Хелс Ејнџелс е скелет со крилја. „Тоа игра клучна улога, бидејќи овие групи нудат една мажествена слика“, вели Вилкинг.

Бидејќи тие се дефинираат според својата униформираност, лесно им е да создадат клима на страв и да пратат порака дека забраните можат да се кршат. Една потешкотија ќе остане – прекршителите ќе се посочуваат локално, како актуелното во Северна Рајна Вестфалија. „Трајно се забранува само една филијала, а потоа друга, но не и самата мрежа на организиран криминал“, оценува Вилкинг. Моторџиските банди се меѓународен феномен, кој локално си наоѓа свој израз.