1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнис елита на суд

14 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQd
Во салата "Л - три" во покраинскиот суд во Диселдорф на 21 јануари ќе се најде германската економска елита. Обвинети се шефот на најголемата германска банка, бившиот шеф на поранешниот најголем мобилен концерн во Германија и, посебно пикантно, поранешниот шеф на светски најголемиот поединечен синдикат. Станува збор за господата Јозеф Акерман, Клаус Есер и Клаус Цвикел. Тие мораат да одговорат дали за највисоките менаџери на Манесман АГ биле исплатени пари во милионски суми по пријателското преземање на тогаш најголемата германска фирма за мобилна телефонија од страна на британскиот Водафон.
"Не правете ништо. Правете го она што секогаш сте го правеле. Зачувајте ги вашите акции". Оваа едноставна порака шефот на Манесман Клаус Есер есента 99-тата ја пречека подготвен. Тој ги повика акционерите на Манесман во голем број новински изјави да го одбијат непријателскиот обид на Водафон за преземање и да не ги продаваат своите акции. Есер настапи како по секоја цена да сака да го спречи проголтувањето од страна на Британците. Конечно, Манесман неколку години пред тоа веќе прерасна во вториот најголем мобилен понудувач во Европа, а во Германија број еден и поседуваше скоро 40 насто од уделот на пазарот. Противникот на Есер, шефот на Водафон, Крис Гент започна противигра. Во изјави на цели страници во весниците објаснуваше дека Водафон со преземањето само сака да ја продолжи поранешната успешна соработка меѓу двете фирми: "Сакам да ги убедам менаџментот на Манесман и вработените дека нивните перспективи многу ќе се подбрат со фузијата".
Со сојоата понуда за преземање Гент не сакаше да ја заврши соработката, туку пред очи го имаше Клаус Есер. Овој во октомври 99-тата го презеде конкурентот на Водафон, Оранж. Водафон се виде директно нападнат на домашен терен во Британија.
"Ние сме разочарани што нашето партнерство со Манесман на овој начин е доведено во прашање, зашто беше направена понуда за Оранж без претходни консултации со нас", изјави Гент по тој повод.
Еден месец подоцна тој возврати со непријателската понуда за преземање. Тој им понуди на акционерите на Манесман за секоја нивна акција 53,7 акции на Водафон. Новост што дотогаш во Германија не беше позната и меѓу фирмите беше забранета. Меѓутоа, рекламаната кампања на Есер против преземањето ги наруши плановите на Гент. Барем на почетокот, зашто дури откако Водафон ја покачи својата понуда од околу 100 милијарди на 180 милијарди евра, го турна на колена менаџментот на Манесман и тој се предаде. Премногу акционери застанаа на страната на Водафон. По повеќе месеци огорчена битка, ненадејно Гент и Есер ноќта на 3 февруари 2000 постигнаа согласност. Еден ден потоа Есер пред новинарите ја најави најголемата фузија во економската историја: "Се радувам што се согласивме со Водафон ЕрТач, Диследорф да биде еден од двата европски центра на Водафон ЕрТач". Тогаш уште никој не знаеше дека менаџментот на Манесман простувањето од самостојноста дебело го наплати. Како честитка за збогувањето протекоа 56 милиони евра, Есер самиот доби 30 милиони. Набргу исплатите влегоа во фокусот на дражавното обвинителство. Нивното обвинување гласеше дека на тој начин им е нанесена штета на акционерите на фирмата, односно проневерени се средства на фирмата. На 17 февруари минатата година државниот обвинител на Диселдорф конечно поднесе тужба. Портпаролот на судот Јоханес Мокен:
"Подигнавме обвинение пред одговорната економска комора на покраинскиот суд во Диселдорф против шест лица".
Покрај Есер, обвинети се членовите на извршниот одбор за управни работи кои се согласиле со исплатата. Еден возвишен круг во кој е собран дел од германската економска елита. Меѓу нив Јозеф Акерман, шеф на Дојче банк, како и Клаус Цвикел кој до пред една година беше шеф на најголемиот германски синдикат ИГе Метал. Додека 55-годишниот Швајцарец, Акерман не смета дека е виновен, Цвикел покажува каење. Тој само телефонски бил поврзан со итната седница на извршниот одбор, но со своето молчење не го блокирал решението. Грешка што ја призна уште во минатата година. Дали станува збор за измама на акционерите, за награда на менаџментот на Манесман или за покачување на цената на преземањето ќе биде решено најрано кон крајот на јуни годинава.