Бизнисмените бараат повеќе слух од Груевски
25 јануари 2010Бизнисмените се пожалија дека тешко доаѓаат до пари потребни за инвестиции и побараа поголема усогласеност на монетарната и фискалната политика во земјата.
Ја повикаа владата привремено да го запре задолжувањето преку државните записи, да се задржат постојните услови за кредитирање и да се зголеми конкурентноста во банкарскиот сектор што би донело поевтини кредити за стопанството. Претседателот на Сојузот на стопански комори, Златко Калеников, го потсети премиерот Груевски, дека дијалогот е клучен за развојот на бизнис секторот во земјата.
Премиерот очекува година на опоравување
Бранејќи ја владината економска политика, премиерот Никола Груевски изјави дека очекува 2010 да биде година на постепено економско опоравување. Вети дека ќе се намали внатрешното задолжување и најави активна реализација на капитални инфраструктурни инвестиции, пред се‘ во јавниот сектор, од кои според него ќе ќарат приватните фирми. Ги повика фирмите да ги искористат долгонајавуваните поволни кредитни средства од Европската инвестициска банка во вкупен износ од 100 милиони евра.
Ниско ниво на странски инвестиции
Кризната 2009 година, Македонија ја заврши без ниту една конкретна странска инвестиција, катастрофален пад на извозот, рекордна невработеност и два ребаланса на буџетот. Владините буџетски проекции за 2010 не се разликуват многу од минатата година. Најголем дел од државната каса и годинава ќе се потроши за плати на јавната администрација и социјални трансфери. Проектираниот буџетски дефицит изнесува 2,5% и инфлација од околу 2 процента.
Автор: Костадин Делимитов
Редактор: Жана Ацеска