Бејл нов „галактико“ за фантастични 100 милиони евра
2 септември 2013Герет Бејл од вчера е најскапиот фудбалер на светот откако шпанскиот гигант Реал Мадрид му плати 100 милиони евра на неговиот довчерашен клуб Тотнем за трансферот. Според пишувањата на шпанските медиуми, Бејл во Реал ќе заработува 10 милиони евра годишно нето.
Минатата сезона Бејл постигна 23 гола на 33 натпревари во англиската Премиер лига, но неговите одлични настапи не беа доволни за да му обезбедат пласман во Лигата на шампионите на Тотнем. Реал се обидуваше да го доведе Велшанецот во своите редови во текот на целото лето, но на крајот и самиот Бејл влезе во судир со матичниот клуб за да се избори за трансферот.
„Ние немавме намера да го продадеме Бејл, затоа што тој беше играч врз кој сакавме да ја градиме нашата иднина. Но вниманието од Реал беше такво, а желбата на Бејл да им се приклучи беше огромна, па дојдовме во заклучок дека играчот немаше да биде доволно посветен на нашата кампања“, изјави претседателот на Тотнем, Даниел Леви.
Најскапиот трансфер во светот на фудбалот претходно беше оној на Кристијано Роналдо кој мина од Манчестер Јунајтед во Реал Мадрид за 94 милиони евра.
Фудбалските аналитичари очекуваат трансферот на Бејл да предизвика вистинска верижна реакција на денешниот последен ден од преодниот рок. Се очекува денеска да се реализираат трансферите на најмалку двајца фудбалери на Реал за кои повеќе нема место во првиот тим, бразилецот Кака кој се враќа во поранешниот клуб Милан, како и германскиот репрезентативец Месут Езил кој се очекува да премине во редовите на лондонски Арсенал за сума од околу 45 милиони евра.