1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бетанкур ослободена од заложништво

Агенции / З. Јордановски 3 јули 2008

Ингрид Бетанкур, некогашна кандидатка за претседател на Колумбија, со спектакуларна акција на армијата без крвопролевање е ослободена од заложништво кај герилците на ФАРК, заедно со уште 14 други лица, од кои 3 од САД.

https://p.dw.com/p/EVEs
Ингрид Бетанкур по ослободувањетоФотографија: AP

46-годишната Ингрид Бетанкур, која беше грабната од бунтовниците на 23-ти февруари 2002-ра година за време на едно патување во предизборната кампања, пристигна „ на воениот аеродром во Богота со авионот на претседателот на државата Алваро Урибе. Таму се најде во прегратките на мајка и’ и сопругот.

Columbien Präsident Alvaro Uribe und Ingrid Betancourt bei Pressekonferenz nach Freilassung
Претседателот Урибе и Бетанкур на прес конференцијаФотографија: AP

„Им благодарам на сите, и’ благодарам на мојата сакана Франција, благодарам што ме подржувавте низ сиве овие години. Јас сум Колумбијка, но исто така сум и Французинка, моето срце им припаѓа на обете земји“ - изјави пресреќната Бетанкур.

Герилците држат уште 700 други заложници

Акцијата на ослободување таа ја означи како „сигнал за мир во Колумбија“. Претседателот Урибе во меѓувреме упати повик до бунтовниците од организацијата ФАРК да ги ослободат сите други заложници и да се вратат на патот на мирот. Според владини наводи, бунтовниците држат уште 700 лица во заложништво.

Политички набљудувачи успехот на акцијата го означуваат и како знак на слабеење на марксистичките бунтовници. Нивната борба трае повеќе од 40 години и прашање е дали се подготвени да се вратат во цивилното општество и борбата за своите цели да ја продолжат со политички средства. Пред 25 години се обидоа да го сторат тоа, но сите водечки членови од нивната тогашна политичка партија беа убиени од страна на десничарски ескадрони на смртта.

Ослободувањето дело на војници уфрлени меѓу герилците

Ингрид Бетанкур, која како и другите 14 заложници е во добро здравје, опиша дека биле качени во хеликоптер со кој наводно требало да бидат однесени во друг логор на бунтовниците. Никој не знаел дека екипажот на хеликоптерот всушност го сочинувале војници на колумбиската армија уфрлени во редовите на бунтовниците, облечени како нив и зборувале како нив. Дури кога хеликоптерот бил во воздух, еден од војниците им рекол: „Ние сме од колумбиската армија, вие сте слободни“. „Не ни се веруваше, врескавме и плачевме од радост, се гушкавме“ - раскажа Бетанкур.

Ослободувањето, според министерот за одбрана Хуан Мануел Сантос, е изведено во шумско подрачје на југозападот на Колумбија. Армијата уфрлила сопствени луѓе во „највисоките кругови на ФАРК. Бунтовниците биле поделени во три групи. Тајните агенти на армијата повторно ги здружиле на едно место со фалсификувана наредба од шефот на ФАРК Алфонсо Кано и успеале да ги убедат герилците дека Кано наредил заложниците да бидат однесени на југот на земјата. Тие биле качени во хеликоптер, кој всушност и’ припаѓал на колумбиската армија.

Честитки до Урибе од Саркози и Буш

Pressekonferenz Kinder von Ingrid Betancourt mit Nicolas Sarkozy im Elysee Palast
Никола Саркози и децата на БетанкурФотографија: AP

Ингрид Бетанкур во телефонски разговор со Карла Бруни-Саркози, сопруга на францускиот претседател, најавила дека сака колку што е можно побргу да отпатува во Франција, каде ја чекаат ќерката Мелани и синот Лоренцо Делој. Синот во првата рекација зборуваше за добиена битка за слобода и за огромна, неопислива радост.

Францускиот претседател Никола Саркози му се заблагодари на Алваро Урибе, а претседателот Џорџ Буш по телефон му честита на колумбискиот колега по функција. Тројцата ослободени Американци, соработници на концернот за оружје Нортроп Грумен, во меѓувреме веќе пристигнаа во Соединетите Американски Држави.

Веста од Колумбија предизвика реакции на задоволство на државници од многу земји на светот, како и на Папата Бенедикт 16-ти.