Бесцарински зони на претек, инвеститорите никаде ги нема
2 јули 2010Ако барем по една странска компанија инвестираше во секоја слободна индустриска зона што ја изгради Македонија, во земјата ќе беа отворени 11 нови фабрики. Македонија има вкупно 11 слободни зони. Во нив работат само две фабрики. По долги години и многу обиди државата се преиспитува дали вредеше концептот слободни економски зони, еден од главните адути на сите досегашни влади досега за привлекување на странски инвеститори. Неодамна падна одлука за издавање на зоните под концесија на странски фирми – оператори кои ќе трагаат по инвеститори и ќе стопанисуваат со нив. „Да примениме еден нов пристап, значи за концесионирање, односно давање под закуп на зоните за некој што има искуство, за да ги развие тие зони, да привлече инвестиции, значи тоа би бил нов модалитет, за разлика од тоа што сега го прави само дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во Р. Македонија“, вели министерот за економија Фатмир Бесими, објаснувајќи ја одлуката.
Веднаш по највата дека зоните ќе ги оперираат концесионери Владата почна да гради уште една нова зона во тетовско. Претходно, до Бунарџик 1, беше фрлена лопата за да се означи стартот на изградбата на Бунарџик 2. Но најавените инвеститори никаде ги нема. Влезот на „Хаер и Тривју“, „Монитипе“, „Искра“, „Шишеџам“ остана само убава најава. Во Бунарџик работат само фабриките на „Џонсон контрол“ и „Џонсон мети“.
Концептот слободни зони е промашен проект?
Сем Вакнин вели дека зоните неможат да ги надоместат останатите слабости на Македонија кои го одбиваат странскиот капитал. „Странските инвеститори не доаѓаат само поради даночните олеснувања. Tие доаѓаат на пример поради отсуството на корупција. Во Македонија корупција има. Тие доаѓаат поради развиената инфраструктура. Во Македонија инфраструктурата не е таква. Странските инвститори бараат развиен банкарски систем, Македонија ниту тоа го нема. Не можете да ги компензирате сите овие слабости со тоа што ќе прогласите слободна зона и бесцаринско работење неколку години. Прво треба да ја реформирате економијата, а потоа странските инвеститори ќе дојдат и без слободни зони“, вели Вакнин. Критички е расположен и Есад Рахиќ, поранешен пратеник во македонскиот парламент. „Кај нас само се менуваат лопатите. Тајвански, кинески, корејски ама и тие не се појавија.“
Еден од промоторите на слободните зони како модел за привлекување на странски инвестиции е Васил Тупурковски. Се’ уште е убеден дека проектот Тајван реализиран преку инвестиции во економските зони можеше да ја прероди македонската економија. „Ако зоната проработеше како што беше планирано, со 97 фабрики со вработување на 20 илјади македонски граѓани, немаше да има само две политички опции туку ќе имаше трета моќна граѓански ориентирана опција.“
Македонија не се насладува на придобивките на слободните зони. Бесцаринските правила и даночни олеснувања се покажаа недоволно атрактивни за странскиот капитал. Според последниот извештај за индексот на инвестициски реформи - Македонија заостанува во инфраструктурата, пристапот до свеж капитал, мерките за зголемување на извозот.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Александра Трајковска