1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесими-Ален: Македонија е стабилен партнер на НАТО

ЖА/СН/миа1 април 2012

Средба во Кабул, во Авганистан, меѓу македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими и генералот Џон Ален, командант на ИСАФ.

https://p.dw.com/p/14W4z
Фотографија: MIA

Македонија е исклучително високо ценета земја во НАТО заради придонесот во мисијата ИСАФ во Авганистан. Земјата и армијата остануваат доследни на курсот на приближување кон стандардите на НАТО, односно исполнување на реформите и модернизацијата на армијата, па соодветно на тоа на претстојниот Самит на НАТО во Вашингтон очекува и конкретна валоризација на постигнатото, со добивање полноправно членство во Алијансата. Ова е истакнато на денешната официјална средба на министерот за одбрана Фатмир Бесими со генералот Џон Ален, командант на ИСАФ, во главниот штаб на мисијата во Кабул.

Министерот Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал мајор Горанчо Котески, денеска пристигнаа во куса работна посета на македонскиот контингент војници во Авганистан, кои се дел од 21-та ротација во ИСАФ мисијата.

Од 170-те македонски мировници 150 се ангажирани во обезбедување на главниот штаб и базата на ИСАФ мисијата во Кабул, додека останатите се распоредени на задачи во неколку други места низ Авганистан, како набљудувачи и обучувачи на авганистанската армија.

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi
Бесими очекува валоризација на придонесот на Македонија во НАТОФотографија: M.I.

„Задоволен сум од тоа што генералот Ален го кажа за придонесот на нашите војници и нивните квалитети во мисијата. Тоа е добра вест за нас како раководство во одбраната, но уште повеќе за Република Македонија. Задоволен сум од тоа што тие го прават и за мирот. Слушнав за транзицијата од Авганистан до 2014. и потоа, како и за очекувањата од самитот во Чикаго. Разговаравме и за нашиот стратешки интерес - ние остануваме во мисиите на НАТО, односно ги уверивме дека Македонија останува со својот придонес во Авганистан – заедно во, заедно надвор. На крајот, на генералот му го соопштивме нашиот интерес што поскоро да станеме де јуре членка на НАТО“, изјави министерот Бесими по средбата во штабот на мисијата во Кабул.

Идниот придонес на Македонија во ИСАФ

Американскиот генерал го потенцираше огромниот придонес на македонскиот контингент војници во Авганистан.

„Имавме многу продуктивни и сериозни разговори за одлуката за модернизација и за имплементација на организациските промени во македонската Армија. За нас е многу важно да дознаеме за идниот придонес на Македонија во мировните мисии“, изјави генералот Ален.

Генерал мајор Горанчо Котески истакна дека со американскиот командант разговарале за актуелниот придонес, но и за идната поддршка во мисијата во Авганистан.

„Му порачав на колегата Ален овие негови позитивни импресии да ги пренесе кон Брисел и Вашингтон за нашето членство во НАТО да не биде само де факто, туку и де јуре“, изјави генерал Котески, кој ја искористи можноста и на македонските војници да им порача да бидат сплотени, крајно професионални и дисциплинирани и успешно да го носат македонското сонце под авганистанското небо.

Модернизација на АРМ

Во врска со модернизацијата на Армијата за која разговарале со американскиот генерал, Котески кажа дека станува збор за неколку сериозни проекти што се работат заедно со НАТО, од кои два веќе се реализираат – оние за опремување на радарот за воздушно јавување и извидување, а вториот е отворањето на Центарот за пилоти, додека трите други ќе се реализираат во 2013. и 2014. година.

Во врска со засилениот ангажман на Министерството за одбрана во пресрет на самитот на НАТО, министерот Бесими истакна дека тој е директно поврзан со интересот на земјата да стане полноправна членка на Алијансата.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

„Нашиот ангажман главно е фокусиран на артикулирање на позициите на Република Македонија, односно стратешката определба за евроатлантските интеграции во ЕУ и НАТО. Второ, придонесот што земјата го дава во меѓународните мисии и трето реформите што Македонија ги прави за исполување на стандардите на НАТО, а тоа е новата структура и организиција на Армијата што се прават во оваа јубилејна година-20 години на АРМ, како дел од проектот што го нарековме „Македонија до 2020 година“, рече Бесими.

Министерот Бисими и генералот Котески попладнево имаа средба со сите македонски мировници на кои лично им ги изразија своите пофалби за тоа што го прават во Авганистан, ги слушнаа нивните прашања и очекувања, а на крајот на сите им посакаа во јули живи и здрави да се вратат во Македонија.