1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлускони се подготвува за политички камбек

Кирстин Хаузен/Б.Георгиевски16 август 2012

Еднаш вели да, еднаш не. Колебањето е дел од стратегијата на Силвио Берлускони за да добие на популарност. Иако неговата база во Италија повеќе не е така голема, на него и натаму треба да се смета

https://p.dw.com/p/15qWz
Фотографија: dapd

Наместо појавување во друштво на полуголи убавици, поранешниот шеф на италијанската влада Силвио Берлускони летово на своите сонародници им ги открива своите спортски способности. Во весниците може да се види како тој ревносно џогира. Неговиот лекар тврди дека Берлускони е во одлична кондиција. Иако тоа не го потврдува, јасно е дека Берлускони повторно сака да се испроба на политичката сцена.

Колебањето и одолговлекувањето отсекогаш биле дел од неговата тактика. Колку повеќе се колеба, тоа е поверојатно дека на изборите во 2013. година ќе се најде во улога на водечки кандидат на својата партија „Народ на слободата“. Меѓутоа, се поставува прашањето дали Берлускони се’ уште има шанси кај избирачите.

„Берлускони е секогаш подготвен на изненадувања. Колку се помали неговите шанси, тој е поупорен“, вели медиумскиот експерт Џорџо Роси. Берлускони е исто така „алфа мажјак“ кој не замина лесно од премиерското место. Од фотелјата не можеа да го исфрлат ниту корупцијата, ни судските процеси, ниту пак аферите со проститутки. Во септември 2011. финансиските пазари и‘ ја откажаа помошта на Италија, и тој мораше да поднесе оставка. На сцена стапи преодна влада на чие чело е Марио Монти.

Silvio Berlusconi
Силвио Берлускони со италијанската поп-ѕвезда Џиџи ДалесиоФотографија: AP

Спласна еуфоријата

Во меѓувреме еуфоријата околу реформите и програмите за штедење исчезна и кај финансиските пазари и во Италија. Италијаните се’ повеќе се незадоволни поради намалените социјални и здравствени услуги, новите даноци и зголемувањето на старосната граница за одење во пензија. Берлускони повторно профитира со неговите популистички барања, како она дека Германија треба да биде исфрлена од еврозоната доколку не сака да покаже солидарност.

Но што друго може да понуди Берлускони? Шоу-програма, како и секогаш. Со недели веќе, тој пушта гласини за своето враќање на политичката сцена. Наводно, неговите партиски колеги го молат да го преземе водството и да учестува на следните избори. Притоа, вистина е дека неговата партија, без неговото присуство, е само собир на политички аматери. Ласкавци и жени кои изгледаат како модели, изградија кариери без оглед на недостатокот на стручност. Без Силвио Берлускони како основен камен-темелник околу кој се’ се врти, тој систем се урива како кула од карти.