Берлин: Суд дозволи истакнување на карикатури со Мухамед
17 август 2012Судот пресуди дека групата може јавно да носи копии од карикатурите на пророкот Мухамед, кои првпат се објавени во Данска во 2005. година, кога предизвикаа силни протести на муслиманите ширум светот. Исламскиот закон забранува сликање на пророкот Мухамед. Судот во Берлин ја отфрли жалбата на три исламски заедници и нагласи дека карикатурите се заштитени како „уметничка слобода“ и оти законски не можат да бидат сметани за злоупотреба од страна на некоја верска група.
„Едноставното прикажување на карикатурите со Мухамед не претставува повик за омраза или насилство против специфичен дел од популацијата“, наведе судот.
Про-Дојчланд ќе ги носи утре карикатурите на Мухамед пред три џамии во Нојколн и Вединг. Две од нив важат за центри на радикално-исламистичките салафисти. Протестите доаѓаат на крајот на рамазанските пости и ќе се случат под мотото „Исламот не и’ припаѓа на Германија – запирање на исламизацијата“.
Полицијата стравува од судири за време на демонстрациите во Берлин, откако на слични протести во Северна Рајна Вестфалија се случи насилство меѓу демонстрантите и заштитниците на јавниот ред.