Берлин - светот во мало!
23 мај 2010Стартот на поворката на годинашниот петнаесетти по ред Карневал на културите од светот во Берлин го означи германско-бразилската танчерска група „Алохе Лони“. Бело-жолтите костуми, тапаните и ведрината на танцувачите и покрај облачното време уште еднаш потврди дека Берлин можеби не е Рио, но е врвот на оригиналните костуми, музиката, танцот и доброто расположение.
Слика за престолнината
„Карневалот значи многу за Берлин. Тој дава слика за националностите кои тука живеат и тие се многу повеќе одошто човек може да си претпостави. Берлин не се Берлинчаните и Турците, туку многу повеќе и убаво е кога еднаш годишно сите можат да се видат на улица“, вели Ренате која првпат е учесник во поворката, но како што кажува, изминативе 14 години била редовно во публиката. Пред милионите Берлинчани и гости на престолнината, продефилираа над 4.800 музичари, танцувачи, акробати во вкупно 94 формации. Тоа се претставници на 70 нации кои живеат во престолнината. Ги имаше од Бразил и Тринидад, преку Боливија, Перу Индинезија и Тобаго, до Полска и Хрватска...
„Мојот костум тежи 15 килограми и тоа е најлесната варијанта. А, подготовките за Карневалот се знае беа строги: секој ден спорт, здрава храна - зеленчук и само зеленчук... и никаков алкохол,“ објаснува Соња де Оливиера, водач на истоимената група која доброто расположение и самбата редовно ги пренесува на берлинските улици.
Шаренилото на боите, измешаните звуци од Африка, Азија, Јужна Америка, но и од Балканот преку хрватската група за танци и спорт, тапаните, дувачките инструменти, се‘ тоа може да се доживее во берлински Кројцберг.
Тука се, меѓутоа, и акробатите од „Дулсе Компани“, во преубави костуми на два и половина метри високите дрвени нозе. Карневалската поворка ќе трае до доцна во ноќта, а учесниците мораат да имаат здрави нозе и добра кондиција да го издржат темпото и живиот ритам. За бројните гледачи кои го придружуваат карневалот нема проблем. Има стотина импровизирани киосци каде може да се купи храна, вода и пијалок, а поставени се и повдвижни тоалети. Како ќе преживеат пак акробатите на три метри височина е приказна за себе, за што Мартин шегобијно објаснува:
„Ако треба да се оди во клозет, е тогаш е проблем. Мора да се воздржиме. За уметноста, мора да се жртвуваме“.
За уметноста и добрата забава денес „ се жртвуваат“ над милион граѓани на престолнината, за кои Карневалот на културите стана дел од тртадицијата и имиџот на светскиот град.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Жана Ацеска