Берлин-име во светот на модата
21 јануари 2010Најпознатиот саем во рамките на „Неделата на модата“ во Берлин е „Бред енд Батер“, кој се одржува на поранешниот аеродром Темпелхоф. Илјадници посетители нагрнаа за да ја видат колекцијата есен-зима 2010 година.
„’Бред едн Батер’ саемот е важен, зашто Германија е најголемиот и најважен пазар во Европа, а Берлин во културен поглед е најразноврсен и најпознат град“, вели Менхетен Пери, шеф во американската фирма „Вилијам Раст“, која тука е веќе четвртипат. И тоа не само поради атрактивноста на германскиот пазар, туку зашто од Берлин може да се продава низ цел свет. „Особено во сегментот мода за млади, Стритвеар, Берлин во меѓувреме е најважниот саем во Европа, би го вброил во првите три во светот во оваа бранша, водечките фирми од неа доаѓаат во Берлин за да се информираат“, дополнува Торстен Видарцик, раководител на продажба во „Левис џинс“ за германското јазично подрачје.
Дневно по 20 милиони евра
Статистиките на бирото за туризам на германската метропола ги потврдуваат проценките на Видарцик, хотелите во градот се практично преполни, се очекува околу 80-те илјади посетители од областа на модата на Берлин да му донесат околу 20 милиони евра дневно. Браншата смета на обрт во висина на милијарди, со висококвалитетни дизајнерски колекции, но пред се‘ со стритвеар, облека за млади и за улица. „Стривеар, ваквиот стил на облекување, доби општествен статус. Мислам дека светот стана подемократски, границите паднаа. Ваквата облека можат да ја носат различни луѓе и на сите возрасти. Заради тоа, за мене тоа стана модерна униформа“, подвлекува Шубханкар Реј, задолжен за конкуренција во амстердамската фирма Г-Стар Роу.
Според него, Берлин добива посебна привлечност: „За мене Берлин е многу атрактивен град, се регенерираше во последниве десет години и стана еден вид културно и креативно жариште на Европа. Ме инспирира она што го гледам на улиците, луѓето кои ги среќавам, тоа е духовна храна за мене“, вели Шубханкар Реј.
На „Неделата на модата“ во Берлин се присутни многу познати марки, меѓу кои „Дизел“, „Вранглер“, „Левис“, „Бос“ и познати имиња од светот на модата.
Автор: Силке Бартлик/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска