Берлинале: Публиката ја награди „Парада“
18 февруари 2012Приказната „Парада“ на Срѓан Драгојевиќ, која на Берлиналето беше презентирана во категоријата „Панорама“, ја освои првата награда на публиката. Споредено со главната конкуренција ова е адекватно на златната мечка во категоријата што ја оценуваат гледачите. Едновремено „Парада“ е одликувана со уште две награди на независните жири-комисии на Берлиналето.
Попладнево „Парада“доби пофалница од Екуменското жири кое посебно ги оценува спиритуалните, човечките и социјалните вредности во филмовите од главната конкуренција, „Панорамата“ и „Форумот“. Синоќа пак „Парада“ ја доби и наградата „Елзе“ на читателите на „Зигезојле“ (берлински магазин на геј- заедницата). Во образложението стои дека во „Парада“ со хумор, најсилното средство кое му стои на располагање на филмот, е испратена пораката дека сите сме само луѓе на кои им е потребна љубов и слобода.
При врачувањето на пофалницата од Екуменското жири режисерот Драгојевиќ подвлече дека одличјето има посебна вредност зашто токму високи претставници на Српската црква имале влијание во ширењето на хомофобијата и во дискриминацијата на припадниците на хомосексуалната заедница.
Во „Парада“ мошне забележителна улога имаше и македонскиот актер Тони Михајловски, кој со комплетниот филмски тим не пристигна во Берлин.
Вечерва, во Палатата на Берлиналето ќе бидат врачени златната и сребрените мечки во главната конкуренција на кои атакуваа 18 филма.
Наградата на публиката на „Парада“ на Драгојевиќ ќе му биоде врачена утре попладне на Берлинскиот кино ден.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Ж.Ацеска