1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлиналето се враќа на корените!

1 февруари 2011

Белег на прoграмата се многу млади автори кои носат свежа естетика, а помалку холивудски докажани имиња, кои сепак се дел од Фестивалот на публиката, пред која од 10 до 20 овој месец ќе бидат прикажани 385 филма.

https://p.dw.com/p/QxJU
Фотографија: dapd

Во главната конкуренција за Златната мечка годинава ќе се борат 16 од вкупно 22 остварувања.

„Во шеесетипрвата година, по успешниот и голем Јубилеј од лани, одлучивме да се вратиме на почетокот! Да се обидеме да направиме поинаква програма, да откриеме нови форми и тенденции во светското кино. Патем, во ваквиот избор се и четири филма во 3-Д формат. Поведени од предизвикот да откриеме каде има нови тенденции, во главната конкуренција на Берлиналето влегоа многу млади режисери и режисерки кои го пренесуваат видувањето на младите луѓе. Тоа се приказни кои се случуваат пред врата, но кои го чинат универзалното кино“, истакна Дитер Кослик, директор на Берлиналето преставувајки ја на првата прес-конференција официјалната програма на Фестивалот, кој стартува наредниот четврток (10.02) со римејкот на вестернот „Тру Грит“ („Човекот наречен Храброст“) на браќата Коен, кој пред повеќе децении му го донесе Оскарот на легендарниот Џон Вејн.

Dieter Kosslick, Direktor der Internationalen Filmfestspiele Berlin
Универзални приказни од млади автори се белег на годинашниот Фестивал - Дитер КосликФотографија: DW

Политичката нота на фестивалот, сепак, не изостанува. Столот на членот на жирито, иранскиот режисер Јафар Панахи, ќе остане празен, но во сите категории ќе биде претставено неговото творештво. Боја на политика има и рускиот филм „Кодоровски” што е во секцијата Панорамата, но и во филмот посветен на крвната одмазда во Албанија на Џошуа Марстон „Крвта што простува“, кој атакува на златната мечка и каде игра македонскиот актер Рефет Абази.

„Мајки” на Милчо Манчевски, како единствен претставник на творештвото од просторот на поранешна Југославија, е во секцијата Панорама и берлинската премиера ќе ја има на 16. февруари. Годинава Македонија има и една од десетте Шутинг Стар - младата актерка Наташа Петровиќ, која ќе биде промовирана пред филмаџиите од светот. Во секој случај, како што најави Кослик, ова ќе биде ново, возбудливо и интересно Берлинале!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска