1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берзата буди оптимизам?

16 февруари 2010

Во јануари во споредба со истиот период лани индексот на македонската берза е во позитива, а прометот зголемен. Експертите анализираат колку е тоа индикатор, дека економската криза е пребродена.

https://p.dw.com/p/Lya6
Фотографија: Petar Stojanovski

Јануари, кој вообичаено е тежок берзански месец кога инвеститорите вообичаено тактизираат и планираат, ја враќа надежта, дека доѓаат подобри денови за македонската берза.

Но, според универзитетскиот професор Крсте Шајноски ликвидноста на македонската берза е се’ уште мала. Берзата не функционира врз база на резултатите што ги постигнале компаниите и затоа е тешко да се пронајде врската меѓу релниот сектор и случувањата на финансискиот пазар, вели аналитичарот чија специјалност се берзанските движења: „Берзата ќе биде индикатор за случувањата во една економија кога компаниите ќе сфатат дека треба да сфатат дека треба да бидат транспаренти и сите информации за случувањата во фирмата ќе ги пласираат на пазарот за да можат инвестотирите навремено да реагираат“, вели д-р Шајноски.

Mazedonische Börse
Фотографија: Petar Stojanovski

Сличен став има и Александар Манев од инвестицискиот фонд „Илирика“. Уверен е дека берзата многу повеќе ќе ја раздвижи позитивна информација од политиката отколку податокот дека македонската економија излегува од рецесија. „За жал мал број од инвеститорите ги имаат предвид економските податоци. Други фактори од психолшка природа влијаат на ликвидноста.“

Пазарот на хартии од вредност е далеку од златните времиња

За позначаен раст на цените на акциите е неопходен влез на институциoналните играчи односно враќање на странските фондови на македонската берза. Реален оптимизам за тоа постои. „Во Македонија индексот порасана најмалку од индексите на останатите берзи во регионот. Останатите берзи доста подобро изработија во 2009. Се надеваме дека странските фондови ќе го свртат фокусот на инвестирање кон берзите во регионот и кон македонската берза“, вели Манев.

Но, колку и да е оправдан оптимизмот тешко е да се даде попрецизна прогноза за движењата на пазарот на хартии од вредност во наредниот период. Шајновски објаснува зошто: „Затоа што има многу отворени прашања за кои нема модел како да се пресмета на пример како ќе се движи светската економија и како ќе се затвораат отворените политички прашања со кои се соочува Македонија.“

Прометот на берзата се движи меѓу 100 и 150 илјади евра дневно, што е драстично помалку од милионите кои се остваруваа во деновите од 2007 и 2008 година. Во 2009 е евидентиран пад на прометот за околу 45 проценти во споредба со претодната година.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска