Березовски се самоубил?
26 март 2013Резултатите од аутопсијата на рускиот бизнизмен Борис Березовски покажаа дека неговата смрт настапила како последица на бесење, соопшти британската полиција. Припадниците на полицијата не прецизираа дали станува збор за самоубиство, но нагласија дека не откриле знаци на насилна смрт. Конечниот резултат на истрагата ќе биде познат дури по неколку недели.
67-годишниот Березовски беше најден мртов во саботата во бањата на неговата семејна селска куќа во околината на Аскот, на четириесетина километри западно од Лондон. Мртвото тело на некогаш најбогатиот Русин го пронашол еден од неговите соработници, откако претходно морал да ја скрши вратата на бањата која била заклучена од внатре. Според неговото објаснување дадено на полицијата, Березовски лежел на подот облечен без видливи траги на насилство, како и без траги од крв.
Полицијата исклучи труење од радиоактивни супстанци, од што настрада во 2006 година блискиот пријател на Березовски, рускиот екс шпион Александар Литвиненко. Березовски по распадот на поранешниот Советски сојуз беше најбогат и најмоќен човек во Русија. Од 2000 година живее во егзил во Велика Британија, од каде се профилираше како најжесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин. По смртта на олигархот, Москва планира заплена на неговиот имот поради бројни обвинувања за стопански криминал. Државното обвинителство се стреми да го одземе целиот имот кој Березовски го стекнал на незаконски начин, соопшти претставник во Москва.
Березовски пред смртта беше соочен со големи финансиски проблеми предизвикани пред се‘ од скапите судски процеси со неговите поранешни жени и со неговиот сонародник Роман Абрамович. Се претпоставува дека некогаш најбогатиот човек во Русија пред крајот на животот бил во големи долгови.