1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бенедикт - Папа од 20 век, без разбирање за третиот милениум

Зоран Јордановски/фац/ди велт/зиддојче цајтунг/вац12 февруари 2013

Бенедикт 16 - човек на традицијата, теолошки Папа, ултраконзервативец. Зад себе остави Црква на која ретко кога и’ била толку потребна реформа - коментираат германските весници, по најавата за повлекување на Папата.

https://p.dw.com/p/17cxy
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во помлади раце“ е насловот на коментарот во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во кој, покрај другото, се вели:

„На христијанскиот мислител и филозоф на религијата му беше важно за време на понтификатот да ја пишува неговата интерпретација за животот и учењето на Исус. Тој не го проколна екс-катедра ’релативизмот на вредностите‘ на модерниот свет, туку водеше дискусија со световни филозофи за вистинитоста на верата ’пред судот на разумот‘ (Кант).

Значењето на Рацингер како филозоф е, вон секое сомневање, возвишено. Во неговите сфаќања за исполнување на должноста спаѓа и тоа, дека во време на тешки испити за Црквата и континуирана критика на нејзините великодостојници, сака одговорноста да ја предаде во помлади раце“.

Повлекувањето на Папата е „еден од најсмелите акти во историјата на Црквата“, оценува весникот „Ди велт“ и констатира: „Бенедикт 16 не капитулира пред Црквата и нејзините интриги, тој капитулира пред неговото здравје“.

„Колку и да беше благ во однесувањето, теолошки и црковно тој одамна беше човек на традицијата, на авторитетот. Многумина критичари во германскиот Папа гледаат ултраконзервативец, кој од намера или поради ограниченост не го разбира новото време. Бенедикт 16 беше теолошки Папа, како ретко кој од неговите претходници. Неговото теолошко дело може да се чита како никогаш непрекинат обид, верата и разумот да се доведат во контакт, дури и во единство. Не мора да се споделува неговото истрајно НЕ за модернизација на црквата во духот на партиципаторска демократија. Но, треба да се признае дека за него имаше и има добри причини да се јакне земската институција на Црквата како контрапункт на духот на времето и неговиот неизбежен неутрализам спрема вредностите.

Presseschau Tageszeitungen Rücktritt Papst Benedikt XVI
Германските весници ја коментираат најавата за повлекување на папата Бенедикт 16-ти од функцијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Дилемата на Црквата е: ако не оди во чекор со времето, и’ се смалува базата; ако оди со времето, се редуцира самата себе си. Јозеф Рацингер, кој еднаш се нарече себе си ’соработник на вистината‘, надвор од тоа е олицетворение на радосната увереност дека на Црквата ќе и’ оди добро само ако таа и натаму е уверена во ненамалената можност за вера без отстапки и ако тоа го докажува“, оценува „Ди велт“.

„Само со своето повлекување Папата ги раскина синџирите на традицијата, инаку никаде не ги ни допре, овде-онде дури и ги засили“, смета и „Зиддојче цајтунг“. „Кај сите проблеми што ја притискаат Црквата во третиот милениум, тој остана Папа од дваесеттиот век, Папа во кого живееше теолошката мудрост на 20 век, но која не му донесе разбирање за третиот милениум. Кога беше избран пред речиси осум години, го сметаа за преоден Папа. Тој остана преоден Понтифекс, како градител на мостови не успеа да стигне до другата страна од мостот. И, така, на крајот од преодниот понтификат стои прашањето: премин кон што? Тоа никој не го знае.

Црквата веќе не е триумфаторска, дури не е ни Црква што се спори; таа е Црква што прашува. Прашањата тропаат, трескаат на портите од Ватикан, но не беа пуштени внатре. Улогата на жените во Црквата. Целибатот. Сексуалниот морал. Задачата на Црквата во светското општество. И, за кого се сакраментите? Дали се тие инструменти за дисциплинирање на луѓето - или помош за нив во пресвртни моменти или во фази на слабост во животот?

Црквата остана двесте години в место. Ватикан не дозволи да му се приближи виталноста и силата исполнета со фантазија на Црквата од Третиот свет. Божјите домови во Европа се големи, но празни; организацијата е уиграна, но бессилна. На Црквата ретко кога и’ била толку потребна реформа, колку на крајот на понтификатот на Бенедикт“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.

До сличен заклучок доаѓа и весникот „Франкфуртер рундшау“: „Тој остава зад себе една крајно несигурна и заслабена Црква, на која мора да и’ се префрли дека не напредувала ни за милиметар по прашањата за сексуалниот морал или општествената либерализација. Карактеристично е дека наместо тоа, централна работа за Бенедикт беше ремисионирање на западните земји. За барањата на верниците во оие земји, во кои Црквата уште има сила, германскиот Папа немаше многу осет“.

„Колку и да звучи парадоксално, најсилно време на Јозеф Рацингер беше 20-годишниот двоен црковен врв со неговиот полски претходник Јован Павле Втори“, смета „Вестдојче алгемајне цајтунг“ и образложува: „На една страна борецот и харизматичар Јован Павле, до него, но постојано останувајќи во посакуваната заднина, најдобриот мислител на Папата, кој самиот го донесе за шеф на конгрегацијата за верата. Заштитник на моралот, така се сфаќаше и се сфаќа Бенедикт себе си. Тој што си постави задача верата сигурно да ја одржи низ времето, не сака да биде обновител. Можеби токму некој од теолошки калибар на Рацингер ќе можеше да успее во Католичката црква жените да се третираат еднакво. Но, тоа би барало од него смелост, која не е соодветна на карактерот на Рацингер“, коментира „Вестдојче алгемајне цајтунг“.