1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белфаст излегува од рамнотежа

ЖА/дв/дпа/ртре13 јануари 2013

Во огорчената борба околу подигнувањето на британското знаме, пробританските и проирските демонстранти не попуштаат ни милиметар. Во Белфаст повторно имаше крвави судири.

https://p.dw.com/p/17J83
Фотографија: Peter Muhly/AFP/Getty Images

Најмалку 29 полицајци беа повредени во Белфаст во вчерашните судири меѓу младите пробритански лојалисти и ирските националисти.

Судирите следеа по уште еден протест против одлуката од 3. декември на општинскиот совет на Белфаст да ја прекине традицијата британското знаме да се крева секој ден над зградата на советот.

Судирите почнаа при минувањето на демонстрантите, главно протестанти, преку католички реон на враќање од протестниот митинг во централен Белфаст. Полицијата се обиде да ги раздели двете групи младинци, кои се гаѓаа со цигли и шишиња. Најмалку 1000 лојалисти, облечени во боите на британското знаме, се собраа на митингот пред градското собрание. Откако полицијата им го блокира патот кон Источен Белфаст, тие се упатија кон квартот Шорт Странд, традиционална арена за судири меѓу протестантите и католиците, и се степаа со локаланите младинци.

Откако националистите се распрснаа, полицијата ги сврти водените орудија кон лојалистите, кои полицајците ги одбија со метални шипки и откорнати тараби. Запалени се десетина џипови. Вчера железничкиот транспорт во градот беше запрен, откако мала експлозивна направа беше најдена во близина на железничката линија.

Belfast / Flaggenstreit/ Ausschreitungen
Фотографија: Reuters

Многумина од пробританските демонстранти спорот околу знамето го сметаат за „капка, која ја прелеа чашата“. Протестантските лојалисти, порано доминантна политичка сила во британската провинција, сметаат дека со мировниот договор од 1998. година се маргинализирани.

„Се чувствуваме како граѓани од втора класа“, се пожали шефот на унионистичката партија ПУП, Били Хачисон за време на демонстрацијата. Не се работи според него само за знамето, туку за начинот на кој е донесена одлуката.

Заради ублажување на конфликтот, идната недела треба да биде одржана средба на врвот, на која ќе учествуваат северноирскиот премиер Питер Робинсон и неговиот католички заменик Мартин МекГинес, како и британската министерка за Северна Ирска, Тереза Вилирс и британскиот министер за надворешни работи Имон Гилмор.