Белиот чад во Фукушима не запира
24 март 2011Во делумно разурнатата атомска централа Фукушима Даичи, екипите кои работат на нејзин ремонт мораат постојано да ја прекинуваат работата поради излегувањето чад и високото ниво радиоактивно зрачење. Последните информации говорат дека бел чад излегува од 4 од вкупно шест реактори во нуклеарката.
Инаку, од местото на потенцијалната атомска катастрофа денеска пристигнаа и позитивни вести. Имено, техничарите успеале да воспостават доток на електрична енергија во контролната просторија на реакторот број 1.
Сега тие се во состојба да користат две клучни контролни простории , на реакторите 1 и 3 , кои претходно мораа да ги напуштат по серијата експлозии , зголемената радијација и мракот. Тоа треба да биде од голема помош при обидот повторно да се стават во погон системите за ладење на реакторите, кои беа оштетени од катастрофалниот земјотрес и цунамито што ја погодија централата.
Уште една позитивна вест пристигна од Токио - вредностите на радиоактивен јод во водата за пиење во јапонскиот главен град се намалени и таа веќе не е штетна за употреба за бебиња, соопштија градските власти по новото испитување. Забраната за нејзино користење беше изречена вчера.
Автор: СН/ЕМФ/афп/ртр
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска