Белград - Приштина: Напредок, но не и договор
21 јуни 2013По шест часа разговори во Брисел, делегациите на Белград и на Приштина предводени од премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, во присуство на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон ги приближија своите ставови, но не постигнаа конечни договори кога е во прашање имплементацијата на договорот од април. Синоќа (20.06) преговорите се водеа околу бројни отворени прашања, посебно од областа на правосудството, полицијата и организирањето на општински избори на Косово.
Шефицата на дипломатијата Кетрин Ештон смета дека сработеното е добро и дека е постигнат конкретен напредок: „Имајќи ги во вид претстојните состаноци на Советот на министрите и Европскиот совет, кои ќе бидат одржани идната недела, јас ќе ги известам земјите членки за напредокот во примена на договорот и ќе потврдам дека се направени конкретни чекори кон видлив и одржлив напредок во односите меѓу двете страни“.
Приближени ставови, но не и договор
Косовскиот премиер Хашим Тачи по состанокот со премиерот на Србија Ивица Дачиќ извести дека има напредок во разговорите, но не и конечни договори. Според неговите зборови се разговарало за одржување на локални избори на Косово на есен годинава, за скоро именување на командирот на полицијата на северот на Косово, а според него напредок бил остварен и по прашањето на законот за амнестија.
Нагласувајќи дека работните групи од правници останаа да работат на овој закон и во текот на ноќта, косовскиот премиер заклучи: „Мислам дека стигнавме до добар напредок на овој состанок со цел нормализација на односите на Србија и Косово. Договорено е повторно да се состанеме на 8. јули. Се надевам дека со импелементација на договореното двете земји ќе напредуваат во процесот на евроинтеграција“.
Следува одлуката на земјите членки на ЕУ
Иако пред овој состанок се шпекулираше дека Балград и Приштина овој пат ќе се договорат за телекомуникациите и енергетиката, до тие решенија не дојде. Работните групи наредните денови ги продолжуваат разговорите за сите отворени прашања. Земјите членки на ЕУ би требало уште на почетокот на идната недела на состанокот на Советот на министри во Луксембург да ги утврдат наредните чекори на Србија и Косово на патот за евроинтеграциите. Во Брисел се надеваат дека Белград и Приштина ќе добијат позитивна препорака за отворање на пристапни односно преговори за Договор за стабилизаиција и асоцијација.