Белгија ја порази Македонија
27 март 2013Македонија го одигра најлошиот натпревар во овој квалификациски циклус. Белгија доминираше во текот на сите 90 минути и со погодокот на Азар стигна до победата. Македонија, по почетните 10 минути, кога целосно ја контролираше играта, во останатиот дел од првото полувреме беше ориентирана на одбраната на својот гол.
Белгија во текот на првото полувреме ја контролираше играта, но домашните фудбалери не успеаја да профитираат од тоа. Најсериозната шанса за постигнување гол Белгија ја имаше преку Азар, но неговиот удар од 20 метри го одбрани Пачовски.
Белгија постигна гол во 35-та минута, кој оправдано беше поништен поради офсајд позицијата во која се наоѓаше Вермален. Императивот на победа го натера белгискиот селектор да изврши две промени и својот тим да го постави во целосно офанзивна формација.
Сериозна закана по голот на Пачовски беше ударот на Азар, кој од 18 метри ја погоди гредата на голот на македонската репрезентација. Белгија, потоа целосно ја презеде иницијативата, Македонија се бранеше со девет фудбалери, а и покрај иницијативата ‘црвено жолтите’ повторно му подарија гол на противникот.
Победничкиот гол во 62-та минута го постигна Азар, по претходна лоша интервенција на Даниел Георгиевски на една нафрлена топка.
Македонија во вториот дел имаше три обиди да постигне гол. Новески во 50-та минута со глава од седум метри упати премногу млак удар над голот на Белгија, Пандев во 69-та минута од десната страна се обиде да пласира, но ударот заврши над голот на Белгијците, додека најопасен беше ударот на Глигоров во 75-та минута, тој од прва биеше од 18 метри но топката мина крај голот на Белгија.
Во оваа група Србија со двата гола на Ѓуричиќ со 2:0 ја совлада Шкотска, Хрватска со многу мака победи во Велс со 2:1.
На табелата Белгија и Хрватска имаат по 16 бодови, Србија е трета со седум, Велс освои шест, Македонија има четири, а Шкотска е последна со два бода.
Германската фудбалска селекција пак, без големи напори во натпреварот во рамките на Ц групата го совлада Казахстан со 4 спрема 1 (3: 0). Ова е петта победа на германскиот тим во квалификациите во шест натпревари. Германија со тоа води во групата со 16 бода, а Казахстан останува претпоследен со само еден бод.