1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белата куќа објави победа на Буш

3 ноември 2004

Актуелниот американски претседател Џорџ Буш, е на работ на изборната победа во САД. Нему му недостасуваат уште 16 електорски гласови за да си обезбеди втор мандат на чело на најголемата светска сила, а на неговиот противкандидат Кери 18. Победата ќе ја однесе оној кој ќе го освои Охајо, државата која носи 20 гласови.

https://p.dw.com/p/AcK9

Иако според официјалните резултати Џорџ Буш има 254, а Џон Кери 252 од потребните 270 електорски гласови, Белата Куќа веќе објави победа на кандидатот на републиканците.

Официјалниот претставник Енди Кард соопшти дека актуелниот американски претседател победил во спорната држава Охајо, и со тоа си обезбедил втор мандат како претседател на САД.

,,Во Охајо претседателот Буш има водство од над 140 илјади гласови. Државниот секретар на Охајо не информираше дека добиениот резултат е непремостлив, дури и ако се земат во предвид непребројаните гласачки ливчиња. Тој победи во Охајо, а е деклариран победник и во Невада. Претседателот Буш реши да му даде уште малку време на сенаторот Кери да ги согледа изборните резултати. Тој ќе даде изјава доцна попладне,, соопшти претставникот на Белата куќа.

Сојузната држава Охајо ја носи неиѕвесноста околу тоа кој од двајцата ривали наредните четири години ќе ја води Америка, затоа што таа носи најмногу електорски гласови.

Две национални телевизии објавија дека победата во Охајо ја однел Буш, но тогаш се произнесе тамошниот државен секретар, Кенет Блаквел, со задршка дека пребројувањето ќе биде готово дури по неколку дена.

,, Ниту едно од предвремените гласачки ливчиња не е преброено, а тоа нема да биде сторено се до 11 –от ден по иЗборите. Имаме мошне јасни закони кога станува збор за предвременото гласање. Запомнете, тоа се гласови од војници и останати и тие треба денеска да се регистрираат. А тоа е сложен процес,, нагласи Блеквел.

Сенаторот Џон Кери веднаш реагираше на објавените резултати, испраќајќи го својот партнер, кандидатот за потпретседател Џон Едвардс да им порача на противниците но и на американската јавност дека тие имаат намера да се борат за секој глас.

Стравот, на овие претседателски иѕбори да не повтори контроверзното сценарио од Флорида во 2000 година, почна уште ноќта, кога дел медиумите јавија за освоената победа на Буш во Охајо. Државата носи 20 гласови,а со тоа и победа в рака, затоа што на Буш му недостасуваат 16, додека на Кери 18 гласови.

Актуелниот американски претседател однесе победа во вкупно 28 сојузни држави пред се во јужниот и централниот дел на САД , додека противкандидатот Кери победи во 20 држави пред се на истокот и на западот од земјата. Последните држави во кои беа познати резултатите беа Невада каде што победи Џорџ Буш и Вајоминг каде што 10 електорски гласови однесе Џон Кери .

Покрај контроверзниот Охајо не се познати резултатите само уште од државите Њу Мексико и Ајова , каде што во благо водство е Џорџ Буш. Што се однесува до бројот на граѓани кои гласале за двајцата кандидати Буш има освоено над 55 милиони гласови или 51 процент додека демократскиот сенатор , освои близу 52 милиони гласови или 48 проценти.

Вчерашното гласање во САД главно, мина мирно, иако на одделни гласачки места се појавија проблеми, најмногу со електронските апарати за гласање.

Европа и останатите држави од светот со нетрпение го очекуваат исходот од овие американски избори, за кои што се оценува дека биле едни од најмасовните според бројот на излезени гласачи. Во текот на ноќта во европските претстолнини, организирано, низ ТВ преноси во кафулињата , баровите и во домовите се очекуваше кој од двајцата кандидати, нареadдните 4 години, ќе стои на чело на најголемата светска сила.