1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без работа, но со желба за подобар живот

10 јуни 2009

Илјадници бегалци доаѓаат секоја година во Европа во потрага по подобар живот. Но Европа се затвора. Ако не најдат работа до крајот на оваа година, бегалците во Германија ќе мора да ја напуштат земјата.

https://p.dw.com/p/I6t8
Фотографија: PA/dpa

Алиу Џало е во својата кујна во едно предградије на Хамбург и вари вода за чај, што го пие со 5 коцки шеќер и млеко. Пред 12 години денес 26-годишниот Џало дојде во градот како бегалец без придружба. Тој и околу 65 илјади други луѓе како него, мораат да најдат работа до крајот на 2009, за да можат да останат во Германија.

„Во моментов работам во фирма за чистење. Работата е во истражувачка лабораторија. Но моја задача таму е само чистењето“, вели Алиу.

Алиу Џало, кој потекнува од Сиера Леоне, се‘ уште е на пробен период, иако досега често има работено како чистач на повеќе места. Требаше да чисти и во воената болница, но: „Проблем е што за тоа морам да примам три вакцини, а тоа трае подолго – севкупно 9 месеци, а јас не можам толку долго да чекам работа“, објаснува тој.

„Јазичната бариера прави да се колебам“

Да седиш и да чекаш работа. Тоа со години е судбина на младиот Африканец, кој скока од една на друга работа. Притоа никогаш не недостасувал негов личен ангажман. Тоа го покажуваат неговите бројни апликации за работа, кои грижливо ги има документирано. Додека пробно работи во фирмата за чистење, се‘ уште чека на договор со еден ресторант. Алиу се пријавил кај Фалко Шрајбер на обука за готвач. „Првиот впечаток всушност беше многу добар: тој беше малку срамежлив, но пристојно облечен и се изразуваше фино и пријателски. Всушност, едно пријатно момче“, објаснува Шрајбер.

Deutschland Irak Flüchtlinge Ankunft in Hannover
Бегалци од Ирак во ГерманијаФотографија: AP

Шрајбер со уште двајца пријатели води луксузен ресторант со капацитет од 180 седишта во центарот на Хамбург. Алиу со задоволство би сакал да работи таму, и Шрајбер е во принцип согласен, но: „Се‘ уште малку се колебам, бидејќи имам страв дека евентуално нема да успее да се запише на државните стручни училишта, поради неговата јазична бариера. Додуша, тој зборува германски релативно добро, но при разговорот кога се претставуваше, увидов дека не разбира се‘ кога човек зборува релативно брзо“, објаснува сопственикот на ресторантот.

Проекти што им помагаат на бегалците да најдат работа

Алиу лично не гледа таков проблем. Сепак веднаш му се обратил на едно советувалиште за бегалци, институција финансирана главно од европски социјален фонд. Соработничката Илка Титје му предлага помош од менторскиот проект: „Има студенти кои се грижат за ученици-бегалци, наплатувајќи само надомест на трошоците. Би побарала ментор за Алиу. Тој или таа би одвојувале за Алиу 3 до 4 часа во неделата и би можеле со него да го поминат наставниот материјал. Ние би се погрижиле да обезбедиме и понатамошна помош, како и прудружба за време на неговата обука“.

Bundesamt für Asylbewerber Eingang
Влез во Германската служба за баратели на азилФотографија: AP

Тоа го нуди и заводот за вработување. Титје е убедена дека со оваа понуда ќе го убеди и шефот на ресторантот Шрајбер и Алиу од 1 август ќе може да ја започне обуката за готвач.

Незнаењето германски јазик е само еден проблем со кој се соочува Илка Титје при барањето работа за бегалците. Нејзината работа е отежната пред се’ бидејќи проектите на советувалиштето, финансирани од Европската унија, секогаш се ограничени на 2 години. Тоа ја отежнува трајната помош. За Алиу и другите бегалци, пак, токму тоа е мошне важно, оти само со постојано работно место имаат шанса да останат во Германија.


Автор: Катрин Ердман / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска