1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без предизборни коалицирања

3 мај 2008

Пет партии од албанскиот блок ќе настапат самостојно на годинешните парламентарни избори во Македонија, без меѓусебни предизборни коалицирања. Сите се убедени во успех на изборите

https://p.dw.com/p/DsuE
Кому ќе веруваат избирачитеФотографија: Petar Stojanovski

Главните играчи, ДПА и ДУИ ќе настапат со кандидатските листи во пет изборни единици. Тие сите ги предадоа кандидатските листи синоќа до полноќ, во согласност со законот.

Тетовско - гостиварската 6-та изборна единица ќе биде теренот на кој ќе се судрат албанските политички лидери: ДПА-Мендух Тачи, ДУИ- Али Ахмети, ПДП- Абдуљади Вејсели и Демократската унија на Албанците- Бардуљ Махмути.

Нагласен оптимизам

По вчерашното Централно собрание на ДПА во Сарај и по затворањето на нивната кандидатска листа, лидерот Мендух Тачи настапи со нагласен оптимизам- ДПА ќе однесе длабока победа против политичкиот противник. Се надевам дека ќе ги оствариме шесте точки од нашата програма и заеднички со другите партии од владата ќе тргнеме кон економски просперитет на државата.

Во изјава за албанските медиуми Тачи нагласи дека е важно што ПДП ќе биде нивен постизборен коалиционен партнер.

Потпретседателката на ДУИ Теута Арифи е убедена дека нејзината партија ќе ја добие довербата на албанското избирачко тело, а за главен партиски приоритет го посочи реализирањето на духот и словото на Охридскиот рамковен договор и постигнување успешна влада која ќе ја води Македонија кон НАТО и ЕУ.

ПДП е убедена дека ќе освои најмалку пет пратенички мандати и дека токму таа ќе биде партијата без чија поддршка ниедна албанска партија која ќе победи нема да влезе во владеачката коалиција. Претседателот Вејсели очекува да биде клучен фактор во составувањето на идната влада, секогаш определена за овој блок.