1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Без политички врски нема работа“

З.Јордановски/ НЦЦ/ ФР7 февруари 2013

Работни места во јавната управа во Македонија им се доделуваат на членови и приврзаници на владејачките партии, известува „НЦЦ“. Децата на мигранти во Германија „се осудени“ на сиромаштија, пренесува „ФР“.

https://p.dw.com/p/17aMC
Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Тезата дека „владините партии во Македонија посакуваните работни места во јавните служби им ги доделуваат на партиски приврзаници“ во текстот на „Ноје цирхер цајтунг“ се документира преку примерот на „Марко“ (псевдоним), 25-годишен дипломиран економист од Берово, кој веќе 5 години не успева да се вработи. На разговори за вработување, на кои бил повикан, секогаш бил прашуван „дали познава некого од владеачката партија“. Во прилогот понатаму се вели:

„Кажувањето на Марко покажува како владеачките партии во Македонија јавниот сектор го пополнуваат со свои приврзаници и така ги поврзуваат политичките определби со економскиот опстанок на десетици илјади луѓе. Работните места во управата се сметаат за награда за политички активизам“. Наведен е официјалниот податок дека во 2012 година во јавниот сектор работеа 165 илјади лица, наспроти 115 илјади во 2009. „Побарувачката за вработување во јавната управа порасна во време на економската криза, која најтешко го погоди приватниот сектор. Млади луѓе со добро образование, кои се чувствуваат исклучени, сакаат да се отселат во земји на ЕУ. На Балканот се одвива одлив на мозоци мотивиран од убедувањето дека најдобрите места во регионот се резервирани за оние со најдобри врски“.

Обете владејачки партии ги оспоруваат тврдењата дека работните места во управата им ги доделуваат на свои партиски членови, се вели понатаму во прилогот, но истовремено се пренесени и токму спротивни кажувања од функционери на партиите, кои сакале да останат анонимни и други индивидуални сведоштва.

„Марија (псевдоним), 26-годишна жена, кажува дека локалните шефови на партијата ВМРО ДПМНЕ составуваат листи на најзаслужни кандидати, штом ќе има слободно место во управата. Тие листи се испраќаат во Централниот комитет на партијата, кој го врши конечниот избор“. Таа по дипломирањето не можела да најде работа. Но, потекнувала од ВМРО-вско семејство, а во 2010 година и’ пристапила на партијата и активно се ангажирала. „Тогаш таа дозна дека нејзиното име се наоѓа на партиската листа за кандидати за работно место во парламентот. ’Сигурна сум дека ќе ја добијам таа работа‘, вели таа. ’Се сретнав со некои важни луѓе од партијата и тие ми го ветија местото“.

Во прилогот е наведен и примерот на Теута Реџепи, која ни по три години од дипломирањето не може да се вработи во јавниот сектор, оти не била членка на ДУИ. Како потврда на нејзината приказна се наведени зборовите на анонимен висок владин функционер од ДУИ: „Ние однапред знаеме кој кандидат ќе биде вработен‘. Како што опишува тој, тестовите и разговорите се чиста формалност при изборот. На преферираните кандидати однапред им е кажано да не ги пополнуваат тестовите, за да може потоа ’нашиот човек во бирото‘ да го направи тоа, вели функционерот. На избраните кандидати им се укажува да ги наведат најдобрите можни оценки ако ги прашаат за успехот во студирањето. Тоа сето се прави за да може да се каже дека се примени најдобрите кандидати“, се вели на крајот од прилогот објавен во „Ноје цирхер цајтунг“. Автор е Сашка Цветковска, а текстот е второнаграден труд на конкурс на две меѓународни фондации од ноември минатата година.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Програмирана сиромаштија“

Деца со мигрантско потекло имаат помали шанси за добро образование, а тоа им ги намалува и шансите за добро платено работно место. „Во Германија на речиси секое трето дете со мигрантско потекло му се заканува сиромаштија“, известува „Франкфуртер рундшау“, повикувајќи се на анализи на официјални податоци од микропопис, направени од Ерик Зајлс од фондацијата „Ханс Беклер“, блиска до синдикатите. Податоците се од 2011 година, а се однесуваат на деца до 15 години. Загрозеноста на децата е последица на „слабите шанси на нивните родители на пазарот на работна сила: речиси 30 проценти на родителите со мигрантско потекло немаат никаква професионална квалификација призната во Германија. Поради тоа многумина вработени доселеници имаат екстремно ниски примања. Други воопшто немаат работа и зависат од социјална помош. (...) Студиите покажуваат и меѓузависност на финансиската ситуација на семејството и здравјето на децата“, се вели во прилогот.

Истражувачот Зајлс оценува дека „Сојузната влада не се интересира многу за финансиската состојба на луѓето со мигрантско потекло“.