1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без политика во јазикот

8 јули 2010

Група македонски лингвисти работат врз Македонскиот дијалектен атлас. Почнаа истражувања во Пиринска Македонија. Таму и во Грција научниците ретко можеа да влезат. Без политика во јазикот - тоа е нивното мото.

https://p.dw.com/p/ODpr

На Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид се одржа Научна конференција на теми од лингвистиката и литературата. Дел од неа беше посветена на истражувањата за состојбата на македонскиот јазик во соседството и во регионот. Македонските филолози отворено ги коментираат тешкотиите при истражувањата на македонскиот јазик во соседството, особено во Бугарија и Грција, иако работите се движат во позитивна насока. Потребата од создавање Македонски дијалектен атлас уште во далечната 1957 ја актуелизирал познатиот македонист и славист доктор Божидар Видоески. Тој и неговите колеги започнале, а младите научници го следат нивниот пат.

Не може да се очекува преку ноќ да се прават истражувања и да се издаваат трудови, процесот е долготраен признава доктор Гоце Цветаноски:

„Можеме да се пофалиме дека навистина имаме многу сработено. За разлика од другите поранешни југословенски републики ние веќе го издадовме лексичкиот том од македонскиот дијалектен атлас, со една современа транскрипција и записите се доследни и прецизни.“

Сложена ситуација во Бугарија и Грција

Македонскиот не е признат и официјално не се учи во училиштата во Бугарија и Грција. Тоа ја усложнува сосотојбата. Научно систематизираното е со дијалектен корен, јазик што останал од предците. Доктор Стојка Бојковска со група свои колеги уште пред 15 години била во регионот Голо Брдо во Албанија:

Stojka Bojkoska
Стојка БојковскаФотографија: DW

„Наидовме на форма од македонскиот јазик која и овде не можете да ја најдете. Тогаш малку се пошегувавме и рековме - ако карактерот на акцентот е една од најпрепознатливите карактеристики на македонскиот современ јазик и ако некој сака да слушне каков е акцентот и како убаво се зборува македонскиот, нека повели во областа Голо Брдо или Мала Преспа, иако тие луѓе немале услови за современо учење на јазикот. “

Во Албанија по 1991 македонскиот јазик слободно се зборува. Се учи во овие региони во основно училиште , а потоа како посебен предмет. Повеќе проучувања на егејските македонски говори во Грција се публикувани и достапни и‘ се на светската научна јавност.

Македонија финансира проект за истражување на македонските дијалекти во Бугарија

Раководителот на проектот за истражување македонски дијалекти во Бугарија, кој почна минатата година, доктор Цветановски вели:

„Се надевам дека за нашата научна цел нема да имаме толку голем број пречки. Можеби ќе имаме отпор од властите. Но, се надевам дека населението ќе разбере зошто ова го правиме и дека тоа е навистина само наука, а не политика.“

Dragi Stefanija
Драги СтефанијаФотографија: DW

Во Србија состојбата е подобра, јазикот на пониско ниво се учи во регионот на Панчево, а на универзитетите во групата словенски јазици, или као посебен. Доктор Драги Стефанија е посветен на македонистиката. Работеше во Словенија, а сега во Бјалско Бјала во Полска. На прашањето - дали македонистите се амбасадори на Македонија и која е полезноста од нив, одговара:

„Мислам дека да. Во времето кога бев Словенија, бројот на слушателите по македонски изнесуваше повеќе отколку бројот на учениците на Свети Климент во Охридската книжевна школа. Низ предавањата поминаа околу 4000 студенти. Сега во Бјелско Бјала се поминати околу 200 студенти. Која е нивната вредност? Тие секогаш си спомнуваат на македонскиот јазик, го бранат, некои го употребуваат, некои го подзаборавиле, но се среќаваат како службеници по амбасадите, во редакциите, весниците и во издавачките куќи. Тие имаат реален став кон македонскиот јазик и ситуација денес. “

И македонскиот ја има судбината на малите јазици и народи

Некои на македонскиот јазик му предвидуваат постепено изумирање, а научниците велат дека тоа не е можно зашто го зборува жив народ, којшто создава и твори.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска