Без компромис не може да се пробијат блокадите од Атина
17 февруари 2009Словенија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Словенечкиот претседател Данило Тирк, сепак на властите во Скопје им порача дека без компромис во спорот околу името со Грција не може да се пробијат блокадите од Атина. Словенечкиот претседател нагласи дека нема аналогија меѓу грчко-македонскиот проблем и спорот околу границата којшто го имаат Словенија и Хрватска. Тој појасни дека Европската комисија им дала сугестии на Љубљана и Загреб за надминување на конфронтациите, но дека Брисел не може да се вклучи во грчко-македонскиот спор, бидејќи тој се решава во Њујорк. Тирк исто така додаде и дека Словенија е подготвена за компромис со Хрватска кој ќе се базира врз взаемена корист, како и дека Љубљана не и’ го попречува членството на Хрватска во НАТО и ЕУ. Претседателот Тирк исто така укажа дека треба да се избегнуваат потези со кои се влошува преговарачката позиција на Македонија.
Црвенковски не очекува брзо решавање на спорот околу името
Македонскиот престедател Бранко Црвенковски ја критикуваше македонската влада за преименување со антички имиња на објекти, како на пример аеродромот. Со таквата политика, грчко-македонските преговори долго ќе бидат замрзнати, а Македонија го губи евроатлантското темпо, рече Црвенковски. Според него „Грција не губи ништо со забавување на разговорите, а Македонија го одлага својот прием во Европската унија со што плаќа превисока цена“.
Инаку, словенечкиот и македонскиот претседател имаат невообичаени средби. Кога Данило Тирк ја преземаше функцијата, Бранко Црвенковски беше првиот гостин, со кој во Љубљана се сретна шефот на словенечката држава. Сега на крајот од претседателскиот мандат на Црвенковски, гостинот од Словенија е меѓу последните на листата планирани официјални посети.