Без болест нема врвна уметност?
11 декември 2008„Верувам дека постојат определени врати, кои единствено болеста може да ги отвори“, запишал францускиот писател Андре Жид во 1930-та година во неговиот дневник. Сеедно дали станува збор за сликарот Ван Гог, писателот Ниче или поетот Хелдерлин, постојат голем број уметници, чии болести им дават белег на нивните дела. Болните уметници е постојано омилена тема на публикации, предавања или како деновиве во Дизелдорф на изложбите.
Болно генијално
Болеста и страдањето на уметниците. Оваа тема секогаш одново е претставена на сликите и опишана во романите и песните. „Односот кон болеста субјективно е важен за секого. Уметниците го рефлектираат тоа врз себе на ист начин како и оние, кои не занимаваат со уметноста, но тие имаат повеќе можности да постапуваат кон тоа. Кога на пример страда некој пистаел, тој ќе напише текст и потоа душата секако му е’ малку послободна отколку на секој од нас, кој разболен лежи в кревет и болеста ја потиснува во себе. Уметноста и терапијата имаат многу заеднички нешта и при психички болести многу често како средства за лечење се употребуваат музика и сликање“, вели Јохен Боберг од Музејско-педагошката служба во Берлин. Тој заедно со Улрике Дам ја конципираше изложбата „Болно генијално“ во Дизелдорф. Таа прикажува девет уметници од различни епохи и нивниот личен однос кон нивните болести.
Во делата на некои уметници речиси воопшто не се забележува дека биле болни. Таков е примерот на Албрехт Дирер кој страдал од маларија. „Тој насликал слика, преку која вели: ’Оваа жолта дамка, е тука ме боли’. Тој сликата потоа му ја испратил на неговиот лекар. Дури сликите што ги насликал Дирер кога бил смртно болен, добивааат апокалиптичен карактер и се покритични и поостри во соочувањето со светот. Болеста кај него предизвикала сосема поинаков поглед на светот, но без притоа да биде тематизирана болеста“, вели организаторот на изложбата во Дизелдорф, Боберг.
Болеста како божја казна
Тоа што Дирер не ги претставува експлицитно неговите страдања, се разбира, се должи на времето во кое живеел. Во 16-тиот век, имено, болестите често важеле за божја казна. Тој што бил болен, бил исклучуван од општеството. Значи не зачудува тоа што Дирер не сакал да го обзнани тоа. Дури во средината на 19-тиот век уметниците започнуваат отворено да ги тематизираат сопствените страдања во уметничките дела, истакнува Јохен Боберг. „Тоа е субјективизација на светот. Тоа е феномен на нашето ново време. Гениј и лудост, тоа е граѓански термин, со кој уметниците се издигнуваат над општеството. Гете со сигурност бил генијалец, но не и налудничав, Шилер бил млад и агресивен, но не налудничав“, вели Боберг.
Веќе во почетокот на 20-век се случува вистински процут на публикации, кои се занимаваат со уметникот како болен генијалец.
Од болеста произлегуваат нови уметнички импулси
Така психологот Вилхелм Ланге-Ајхбаум во песните на еден од најзначајните германски поети Фридрих Хелдерлин препознава „посебни шизофренични психотични пореметувања“. Поетот експресионист Готфрид Бен пак, пишува: „Во најголем дел уметноста е дело на психопат“. И денес сеуште од болестите се извлекуваат заклучоци за уметниците и нивните дела, кои кога потемелно ќе се анализираат, немаат секогаш основа.
„Има многу можности за погрешна интерпретација. Факт е дека некои болести на уметниците им ги одземаат можностите, кои претходно ги имале. Кога на пример Матис се разболел, тој повеќе не можел да црта и потоа преминал на форма, која подоцна ја задржал. Поради неговата болест тој морал да го промени медиумот. Но, тоа не значи дека неговата уметност била стимулирана во друг правец, туку тој само морал поинаку да работи“.
Уметниците, без оглед колку да се надарени, се сепак само луѓе. И на генијалецот не му е по секоја цена неопходна лудост или болест, смета Јохен Боберг. Но, од болеста често произлегуваат нови импулси и со тоа имено и сосема посебни дела.