1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100909 EU Terrorbekämpfung

11 септември 2009

По терористичките напади од 11 септември 2001 година, во Европа се засили собирањето податоци на граѓаните и нивното надгледување. Што се промени во однос на законите за безбедност и каква критика предизвика тоа?

https://p.dw.com/p/Jcv7
Фотографија: dpa - Fotoreport

Трагите на атентатите во септември 2001 година водеа директно до Европа, преку пилотите што ги извршија нападите кои живееле во Хамбург. Со терористичките напади на Мадрид во 2004 и во Лондон една година подоцна, и самата Европа се претвори во сцена за исламистичкиот тероризам. Во 2004 година, тогашниот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер истакна дека и Европа е ранлива:

„Мораме да направиме се`, за што е можно попревентивно да дествуваме надвор од државните граници. Не смееме да му потклекнеме на тероризмот.

Внатрешната безбедност во ЕУ дотогаш беше во надлежност на секоја земја посебно, што стана проблем со оглед на меѓународниот карактер на тероризмот. Како последица на ова, владите на земјите-членки во 2004 година го назначија Холанѓанецот Гијс де Вриес за координатор во борбата против тероризмот. Тој вака ги опиша своите задачи:

Europa in Flugangst
Повеќето Европејци немаа ништо против засилените безбедносни меркиФотографија: AP

„Размената на информации е многу важна. Полициите на земјите-членки го прават тоа преку Европол, а државните обвинители во рамките на правосудната соработка во ЕУ. Донесуваме закони што го оневозможуваат финансирањето на тероризмот. На терористите им требаат пари, а ние мораме да се погрижиме да не ги добијат. И за ова е потребна меѓународна соработка.“

Повеќето Европејци ги прифатија драстично заострените безбедносни контроли на аеродромите. Меѓутоа, откако САД побараа и американските служби да добијат пристап до информациите за патниците во авионите во Европа, се појави отпор. Тогашниот комесар на ЕУ за правда, Франко Фратини, сакаше да го ограничи пристапот:

„Прифаќаме информациите да им бидат предадени и на други власти, но само под услов нивните стандарди за заштита на податоците да соодветствуваат со нашите.“

Настрадаа обичните граѓани

Како последица на засилените закони за безбедност, сите банкарски клиенти и корисници на мобилни телефони и интернет можат да сметаат на тоа дека нивните лични податоци можат во секое време да бидат „уловени“ и зачувани од страна на властите. Активистите за граѓански права особено остро ја осудија листата на лица осомничени за терористички активности, што ја составуваа европските тајни служби. Ниту се знаеше врз основа на кои податоци беа собирани индиции, ниту, пак, беше познато кој е на оваа листа и што треба човек да стори, за да не се најде на неа. Специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, беше јасен:

„Во суштина, не можете ништо да сторите за да не се најдете на листата. Не знаете за што точно сте обвинети и практично немате можност да се борите да бидете отстранети од неа.“

Deutschland Symboldbild Online-Durchsuchungen
Личното веќе одамна не е „лично“Фотографија: picture-alliance/ dpa

Врз основа на своите истражувања, Дик Марти тврдеше и дека САД имаат тајни затвори во повеќе европски држави. Каде поточно - на ова прашање САД никогаш не дадоа конкретен одговор.

За правните последици од 11 септември не може да се зборува, без да се спомне Гвантанамо. Во затворот во американската воена база во Куба екстремите ги преминаа сите граници. Екстремен беше начинот на кој американската влада постапуваше со затворениците. Екстремни беа и критиките кон САД. Пратеникот во Европскиот парламент, Елмар Брок, го објаснува однесувањето на американската влада и на претседателот Џорџ Буш со големиот шок под кој живееја Американците по нападите од 11 септември:

„Под влијание на терористичките напади од септември 2001 година, стравот на Американците стана толку голем, што беа подготвени да ризикуваат да го стават вон сила системот на вредности. Мора да биде јасно дека борбата против тероризмот ќе биде успешна само ако свесно самите не им нанесуваме штети на сопствените вредности.“

Овие критики најпрво беа упатувани кон САД и претседателот Џорџ Буш. Во меѓувреме, многу критичари сметаат дека тие се сосема оправдани и во случајот со Европа: во името на безбедноста се поткопуваат правата, кои, всушност, треба да бидат нејзин карактеристичен белег.

Автор: Кристоф Хазелбах / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска