1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегство во средниот век

Арне Лихтенберг / Игор Смилевски7 ноември 2012

Романите чие дејство се случува во средниот век се бестселери, а филмовите со тематика од тоа време привлекуваат милионска публика. Во Германија многу посетени се и фестивалите на кои се заживува овој историски период.

https://p.dw.com/p/16Zx3
Фотографија: DW/A.Lichtenberg

Во воздухот се шири мирис на скара, одекнуваат звуци на харфи, виолини и тапани, се слуша ѕвекот на ланци. Уште на благајната за билети може да се насети дека тука се добива влезница за патување низ минатото. Посетителите и вработените се во средновековна облека, а на влезот и еврата се менуваат во пари од тој период.

Сето ова е дел од фестивалот наречен ,,Средновековен спектакл“, кој се одржува на идеална локација. Покрај езерото во Келн се поставени повеќе штандови под бели шатори. Пред големата сцена се собрани стотици луѓе кои уживаат во звуците на средновековната музика. На штандовите се точи пиво, а главно јадење е месото печено на скара.

Еден од посетителите на фестивалот, Валтер, опуштено седи на маса, заедно со неговите двајца пријатели и наздравува со високо крената чаша пиво. Во последните шест години тој е постојан посетител на фестивали посветени на средниот век. Според Валтер, на ваквите фестивали, иако се точи алкохол, никогаш немало расправии и тепачки, за разлика од некои други собири.

„Убаво е што луѓето се однесуваат љубезно и пристојно едни кон други “, вели Валтер.

Bildergalerie Mittelalter Phantasie Spectaculum in Köln
Фотографија: DW/A.Lichtenberg

За секого по нешто

На ваквите средновековни фестивали постојат различни можности за забава. Посетителите ги тестираат своите вештини во стрелање со лак, јавање коњи и слично. Штефан е уште еден посетител кој сам седи на клупа. Неговите деца и сопругата ја разгледуваат понудата на штандовите. Тој пак, ужива во набљудувањето на останатите посетители на фестивалот: „Овде луѓето се опуштени, секој е она што сака да биде“, вели Штефан.

На штандовите можат да се видат и занаети кои веќе одамна немаат практична употреба, а биле толку карактеристични за средниот век.
Според Каролин, која на фестивалот е трета година по ред, истиот претставува можност за бегство од секојдневието и од потрошувачкото општество.

Познато, но и егзотично

Bildergalerie Mittelalter Phantasie Spectaculum in Köln
Фотографија: DW/A.Lichtenberg

Се чини дека многумина од посетителите се воодушевени од можноста барем на неколку часа да го доживеат овој поедноставен начин на живот.
Професорот по средновековна историја на Универзитетот во Келн, Валтер Пол објаснува:

„Средниот век од една страна е чуден и егзотичен, а од друга некако близок и познат за луѓето. Сепак, тој потсетува дека овој историски период исто така бил и доста назаден и брутален и дека животот во средновековието не бил воопшто лесен“.

Кога временските услови го дозволуваат тоа, на „Средновековен спектакл“ се собираат дури и до 10.000 луѓе. На настанот учествуваат околу илјада артисти кои со организаторите склучуваат договори и потоа го следат фестивалскиот караван каде и да оди.

Во меѓувреме, над Келн веќе се спушта ноќта. Посетителите полека го напуштаат „Средновековниот спектакл“ и се подготвуваат за враќање во сегашноста. Иако многумина од нив најверојатно би сакале да го одложат тој момент барем за уште неколку часа.