Бебе го преживеало падот на зградата во Мумбаи
27 септември 2013Петкатна станбена зграда се урна денеска во индискиот финансиски центар Мумбаи, оставајќи под урнатините десетици лица, соопштија спасувачките екипи. Според локалните медиуми, досега се пронајдени телата на петмина загинати, а тимовите успеале да спасат 27 повредени. Зградата се урнала рано утринава непосредно пред разденување.
Претставник на градската управа на Мумбаи соопшти дека во зградата живееле вработени во локалната самоуправа и членови на нивните семејства, кон кои било апелирано да се иселат од зградата пред повеќе месеци.
„Зградата е стара 30-тина години. Побаравме од нејзините станари да се иселат од неа уште во април“, но тие досега не го сторија тоа, изјави претставникот на локалните власти, без да прецизира зошто било побарано од станарите да се иселат од зградата.
Ова е втор ваков случај во Мумбаи годинава. Во јуни се урна трикатна зграда, при што загинаа десет лица. Уривањето на загради во Индија е честа појава, бидејќи поради големата побарувачка на станови во индиски градови, кои забрзано се развиваат, но и поради раширената корупција градежните фирми честопати користат неквалитетни материјали или градат повеќе катови од одобреното.