Бајер понижен од Барселона
8 март 2012Лионел Меси синоќа (07.03) уште еднаш на дело ја покажа својата неспорна класа. Најдобриот светски фудбалер постигна пет гола во реванш-дуелот од осминафиналето на Лигата на шампионите против германскиот Бајер Леверкузен. Конечните 7:1 беа највисока победа на Барселона во Лигата на шампионите и најтешкиот пораз на некогашниот финалист Бајер. Уште два гола за европскиот првак постигна Тељо, а почесниот погодок за Бајер го постигна резервистот Белараби во судиското продолжение.
Тимот на македонскиот фудбалски репрезентативец Иван Тричковски - АПОЕЛ, направи подвиг откако успеа да го елиминира фаворитот Олимпик Лион во осминафиналето и со тоа избори пласман во четвртфиналната фаза од Лигата на шампионите.
Во Никозија синоќа на реванш осминафиналниот дуел АПОЕЛ преку Густаво Мандука дојде до водство од 1:0 што беше идентичен резултат по 90-те минути како и на првиот дуел. И по дополнителните 30 минути немаше победник , а во серијата пенали голманот на домашните Дионисис Киотис одбрани два пенала и АПОЕЛ со 4:3 славеше против фаворитот. Во серијата пенали прецизен беше и Иван Тричковски, кој во игра влезе во 74.минута.
Пласман во четвртфиналето досега имаат обезбедено Милан, Бенфика, АПОЕЛ и Барселона. Другите четири реванш осминафинални натпревари ќе се одиграат на 13 и 14 март: Бајерн Минхен– Базел (0:1 прв натпревар), Интер – Олимпик Марсеј (0:1), Челзи – Наполи (1:3) и Реал Мадрид – ЦСКА Москва (1:1).
Автор: БГ/миа
Редактор: Е.М. Фиданоска