1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн се врати во битка за титулата

12 март 2012

Бајерн го декласираше Хофенхајм со 7:1 и го искористи киксот на Борусија (Д). Келн конечно победи, Вердер поуспешен во северното дерби

https://p.dw.com/p/14JF7
Фудбалерите на Бајерн МинхенФотографија: picture alliance/augenklick/GES

Вердер Бремен останува „број еден“ на фудбалскиот север на Германија. Со погодоците на Пизаро, Продл и Розенберг, Вердер убедливо, со 3:0, го совлада Хановер во дербито на северот и се зацврсти на шестата позиција на табелата. Фудбалерите на Хановер ги пропуштија своите шанси во првото полувреме на мечот, а по водството на Вердер немаа сили за пресврт. Хановер е седми на табелата со 35 бода, четири помалку од Вердер.

По трите порази едноподруго Шалке победи против Хамбургер со 3:1 и се врати во битка за третата позиција која директно води во Лигата на шампионите. Пуки, Мецелдер и Хунтелар уште во првите 33 минути од мечот се погрижија бодовите да останат во Гелзенкирхен. Почесниот погодок за Хамбургер, кому ова му е прв пораз нагости откако тимот го предводи Торстен Финк, го постигна Качар. Со 27 бода, Хамбургер е сега на 14-то место на табелата и само четири бода го делат од место кое води во понизок ранг.

Бајерн убедлив, Борусија подзапре

Бајерн Минхен се врати во битка за титулата со убедливата победа над Хофенхајм од 7:1. Хет-трик постигна првиот голгетер во Лигата, Марио Гомез, два гола додаде Робен, а по еден постигнаа Крос и Рибери. И единствениот гол за Хофенхајм повторно го постигна играч на Бајерн, Луис Густаво се погрижи гостите да се чувствуваат како целосни статисти на овој меч.

Fußball, 1. Bundesliga, Saison 2011/2012, 25. Spieltag, Werder Bremen - Hannover 96
Момент од дуелот Вердер-ХановерФотографија: dapd

Шампионот Борусија Дортмунд неочекувано запре со победничката серија на гостувањето кај Аугсбург. По ремито без голови, предноста на врвот во однос на Бајерн се намали на пет бода, 56 за Борусија, наспроти 51 за Бајерн. Аугсбург за првпат сезонава е надвор од зоната за испаѓање, иако само подобрата гол разлика го дели од Херта.

Во вториот дуел на екипа од врвот против тим од дното на табелата, Борусија Менхенгладбах не успеа да го скрши отпорот на Фрајбург пред своите навивачи. Борусија (М) веќе три кола нема победа, но остана на третото место на табелата со 48 бода, еден повеќе од Шалке. За Фрајбург, изборените 0:0 на тешкото гостување значат добредојден бод во битката за опстанок.

Мајнц и Волфсбург со победи пред своите навивачи се вклучија во битка за излез во Европа наесен. Мајнц, за кого Николче Новески влезе како резерва во 68-та минута, го совлада Нирнберг со 2:1. Интересен дуел одиграа Волфсбург и Бајер Леверкузен. Гостите дојдоа во водство преку Кислинг уште во третата минута, но Волфсбург направи целосен пресврт до крајот на полувремето со погодоците на Хелмес и Дежага. На 3:1 зголеми Кадлец со автогол, а конечните 3:2 за Волфсбург ги постави Дердиок во судиското надополнување. За Бајер ова беше финале на една тешка недела во која беа поразени со 7:1 од Барселона, а во Бундеслигата речиси и ги загубија шансите за пласман во Лигата на Шампионите. Волфсбург е на 10. место со 31 бод.

Келн победи и го отпушти директорот

Со тесната победа од 1:0 против Херта, Келн направи голем исчекор во борбата за опстанок во лигата. Клеменс беше стрелец на единствениот погодок на нервозниот меч на кој беа покажани три црвени картони. Меѓу исклучените беше и ѕвездата на Келн, Лукас Подолски кому ова му беше прв меч пред домашните навивачи, откако беше објавено дека на лето преминува во англискиот Арсенал.

Volker Finke und Stale Solbakken
Фолкер Финке и Стале СолбакенФотографија: picture-alliance/dpa

По мечот, драмата продолжи со одлуката на раководството на Келн да го отпушти спортскиот директор Фолкер Финке. Официјалното образложение за одлуката се „непомирливите меѓусебни разлики“, а неофицијално, Финке веќе подолго време не беше во добри односи со тренерот Стале Солбакен.

Во петокот, 25-то коло го отворија Штутгарт и Кајзерслаутерн со реми без голови.

Автор: Кале Копс/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски