1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн пресилен за Јувентус, Барселона се провлече

БГ/афп/миа11 април 2013

Барселона и Бајерн Минхен им се придружија на Борусија Дортмунд и Реал Мадрид во полуфиналето на фудбалската Лига на шампиони. Бајерн победи и на реваншот во Торино, додека Барселона повторно ремизираше со ПСЖ.

https://p.dw.com/p/18E2F
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бајерн Минхен уште еднаш демонстрираше речиси целосна доминација во реванш-дуелот од четвртфиналето на Лигата на шампионите против италијанскиот првак Јувентус. Како и во првиот меч во Минхен, Бајерн и во Торино славеше со 2:0, со погодоците на Манџукиќ и Пизаро во второто полувреме. По мечот Италијанците не ги штедеа комплиментите за германскиот тим.

„Не може да се каже дали на реваншот или на првиот дуел во Минхен беа подобри, но за едно сум сигурен. Се работи за тим кој има најголеми шанси да го освои големиот пехар во елитното натпреварување. Нивната игра е супериорна“, изјави голманот на Јувентус, Џанлуиџи Буфон по мечот.

Јувентус немаше пораз на домашен терен во европските купови од сезоната 2009/2010, но тренерот Антонио Конте призна дека немале сили да му се спротивстават на Бајерн.

„Подобриот тим оди натаму. Тоа го покажаа и минатата недела и вечерва тука. Тие се посилни од нас и можеме само да им честитаме“, рече Конте.

Тренерот на Бајерн, Јуп Хејнкес не беше задоволен од играта на неговиот тим во првите 20-ина минути од мечот.

„Имавме проблеми во првите 20 минути, но полека ја презедовме контролата. Во вториот дел бевме далеку подобри и заслужено одиме понатаму“, рече Хајнкес кој се пожали дека не било лесно да се мотивираат фудбалерите откако во саботата, на шест кола пред крајот на првенството, ја обезбедија титулата во Бундеслигата.

Во вториот синоќешен дуел, Барселона се мачеше против францускиот Пари Сен Жермен, но на крајот извлече нерешен резултат, 1:1, кој беше доволен за пласман меѓу четирите најдобри во Европа, откако првиот дуел заврши 2:2. ПСЖ играше одлично и поведе преку Пасторе во 50. минута. Десетина минути подоцна тренерот на Барселона одлучи во игра да го воведе недоволно закрепнатиот Меси, кој пак во 71. минута учествуваше во акцијата за израмнувачкиот погодок на Педро. За фудбалерите на Барселона немаше дилеми кој бил најзаслужен за поволниот резултат.

UEFA Champions League 2012/13 Viertelfinale FC Barcelona vs. Paris Saint Germain
Педро (Барселона) го прославува израмнувачкиот голФотографија: picture-alliance/dpa

„Меси пресуди. Нашата игра во целост се смени откако тој влезе во игра, нему треба да му се заблагодариме. Не е важно против кого ќе играме во полуфиналето, против секого ќе биде тешко“, изјави стрелецот Педро.

Жрепката за полуфиналните дуели е в петок, а финалето е закажано за 25 мај на Вембли во Лондон.