1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн останува суверен лидер

Сара Вирц/Б. Георгиевски28 јануари 2013

Бајерн Минхен останува суверен лидер на табелата по 19. коло во германската Бундеслига. Победа на Хамбургер во „северното“ дерби. Гројтер Фирт се поблиску до втората лига.

https://p.dw.com/p/17Sd2
Фотографија: Reuters

Уште една рутинска победа на Бајерн Минхен, 15. во 19 првенствени кола, го одбележа неделниот распоред на германската фудбалска Бундеслига. Жртва овојпат беше тимот на Штутгарт, кој иако настапи пред домашна публика не успеа да му се спротивстави на силниот противник. Конечните 2:0 за Бајерн ги поставија Манџукиќ и Милер во второто полувреме.

Во неделата се играше и дербито на северот во кое домаќинот Хамбургер го совлада Вердер со 3:2. Гостите од Бремен дојдоа во рано водство преку Лукимија уште во 9. минута, но 14 минути подоцна израмни Сон. На почетокот на вториот дел, домаќините целосно ја презедоа иницијативата и со два гола за шест минути го одлучија победникот. Најпрво погоди Аого во 46. а потоа и Рудневс во 52. минута. Конечните 3:2 ги постави Сократис. Вердер натпреварот го заврши со двајца играчи помалку на теренот откако најпрво Фриц во 80.та и Арнаутовиќ во судиското надополнување добија црвени картони.

Fußball 1. Bundesliga 19. Spieltag Hamburger SV - Werder Bremen
Денис Аого го прославува погодокот за ХамбургерФотографија: Getty Images

Бајер и Шалке без голови

Во саботните дуели, кикс на Бајер Леверкузен на гостувањето кај Фрајбург. Вториот на табелата одигра без голови против сезонава добриот тим на Фрајбург и покрај неколкуте изгледни шанси за погодок.

Киксот на Бајер го искористи Борусија Дортмунд која рутински го совлада Нирнберг уште во петокот со 3:0. Актуелниот првак Борусија сега му се приближи на само еден бод на Бајер, но заостанува цели 12 бода зад лидерот Бајерн.

На високата четврта позиција која води во квалификациите за Лигата на Шампионите останува изненадувањето на сезоната, тимот на Ајнтрахт, кој во Франкфурт тесно го порази Хофенхајм со 2:1.

Три бода помалку од Ајнтрахт, вкупно 30, на петтото место има Мајнц, чии играчи однесоа убедлива победа на гостувањето кај фенерџијата Гројтер Фирт од 3:0. Фирт остана закован на дното на табелата со 9 бода.

Екипата на Шалке немаше добар викенд и падна на шестото место со 29 бода, откако одигра без голови на гостувањето кај тимот на Аугсбург кој за првпат сезонава се искачи надвор од зоната која директно води во втората лига. Таму е сега тимот на Хофенхајм со 13 бода, но со полоша гол разлика од Аугсбург.

Fußball Bundesliga 19. Spieltag FC Augsburg FC Schalke 04
Стрелците на Шалке „без муниција“. Џеферсон ФарфанФотографија: Getty Images

Во игра за пласман во Лигата на Шампионите со 29 бода останува и тимот на Борусија Менхенгладбах откако пред домашната публика беше совладан Диселдорф со 2:1, во малото рајнско дерби.

Во саботата за одбележување е и победата на Хановер над Волфсбург од 2:1. Домаќините поведоа со 2:0, но потоа заработија црвен картон што го сврте мечот во корист на Волсфург. Гостите на почетокот на вториот дел намалија на 2:1, но до крајот на мечот не успеаја да стигнат до израмнувачки погодок иако се играше „викторија“ пред голот на Хановер.