1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајерн Минхен урива рекорди

Томас Клајн/Б. Георгиевски22 октомври 2012

Екипата од Минхен го урна досегашниот рекорд со осмата последователна победа на стартот на првенството. Шалке славеше во локалното дерби против Дортмунд, кое го одбележаа и навивачки инциденти.

https://p.dw.com/p/16UGM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бајерн Минхен незапирливо гази во Бундеслигата, откако во осмото коло ја забележа и осмата победа, овојпат на гостувањето кај Диселдорф. Баварците победија со 5:0 со головите на Манџукиќ, Густаво, на двапати Милер и Рафиња.

На второто место на табелата, со пет бода заостанување зад Бајерн остана Ајнтрахт кој во Франкфурт го победи Хановер со 3:1. Матмур и Јунг му донесоа водство на Ајнтрахт од 2:0, на 2:1 намали Абделауе, а конечниот резултат го постави Мејер.

Дербито во Дортмунд меѓу локалните ривали Борусија и Шалке го одбележа слабата игра на актуелниот шампион и навивачките инциденти кои му претходеа на мечот. Шалке заслужено славеше со 2:1 со погодоците на Афелај и Хогер, додека единствениот гол за Борусија го постигна Левандовски.

Пред мечот дојде до судири меѓу двете навивачки групи, па полицијата мораше да интервенира со водени топови и солзавец. Десетина навивачи на двете екипи беа уапсени, но мечот мина мирно и во спортска атмосфера.

Dortmund Schalke Fankrawalle Derby Ausschreitungen 20.10.2012
Судири меѓу навивачите на Борусија и ШалкеФотографија: picture-alliance/dpa

Важна победа за враќање на самодовербата забележа тимот на Вердер. Тимот од Бремен беше поуспешен на домашен терен од Борусија Менхенгладбах со 4:0. Головите ги постигнаа Петерсен, Арнаутовиќ, Филкруг и Јунузовиќ. Со трите бода Вердер се искачи меѓу првите десет на табелата, додека Менхенгладбах продолжува да тоне во долниот дел.

Во Леверкузен, Бајер мораше да спасува бод против разиграниот тим на Мајнц и покрај водството од 1:0 на полувремето. Во вториот дел Мајнц за кој стандарден беше капитенот Николче Новески, направи целосен пресврт, но не издржа докрај, па Бајер со голот на Кастро во 87. минута за конечни 2:2 спаси еден бод. Бајер падна на петтото место, а Мајнц стигна до осмото со освоениот бод.

Продолжува кризата во Волфсбург

Хаосот во Волфсбург продолжи и ова коло, а тимот се наоѓа на последното место на табелата. Навивачите повторно бараа оставка од тренерот Феликс Магат по поразот на домашен терен од Фрајбург од 0:2.

Fußball VfL Wolfsburg Trainer Felix Magath
Феликс Магат под голем притисок во ВолфсбургФотографија: picture-alliance/dpa

Во двата неделни натпревари, навивачите видоа само еден гол, кој го постигна Ибишевиќ во победата на Штутгарт на гостувањето во Хамбург. На вториот меч, Нирнберг и Аугсбург одиграа без голови.

Во петокот, Хофенхајм испушти победа пред своите навивачи во дуелот против Гројтер Фирт. Одличниот меч заврши со поделба на бодовите, 3:3. Хофенхајм на трипати водеше, но гостите се враќаа во игра, а конечниот резултат беше поставен со последниот шут на мечот во третата минута од судиското надополнување.