1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баросо предупредува од расцеп во ЕУ

10 ноември 2011

Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо предупреди дека поделена ЕУ, на земји од еврозоната и оние кои не се во неа, нема да функционира. Баросо за состојбата во Европа говореше синоќа (09.11) во Берлин.

https://p.dw.com/p/1387y
Жозе Мануел БаросоФотографија: dapd

„Задача на сите е да ја продлабочуваат интеграцијата на земјите од еврозоната, без притоа да предизвикаат отцепување од оние земји кои не се членки на оваа зона“, нагласи претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо. Од друга страна, државите кои не се дел од заедничката валута не смеат да играат улога на кочничари за процесот на натамошно интегрирање на земјите од еврозоната. Најдобро решение би било кога сите членки на ЕУ би и’ пристапиле и на монетарната унија, оцени Баросо во говорот во Берлин.

Овие драматични забелешки и апели на претседателот на ЕК доаѓаат по критиките од Велика Британија и некои други земји членки на ЕУ. Британскиот министер за финансии Џорџ Осборн, имено, ги критикуваше плановите на лидерите на 17-те земји од еврозоната да создадат посебни структури и да одржуваат и посебни самити пред оние на кои учествуваат сите 27 членки на ЕУ. Осборн, исто така, неодамна остро ги отфрли предлозите на канцеларката Ангела Меркел и претседателот Никола Саркози за воведување данок на финансиски трансакции. Поради отпорот од Велика Британија и некои други земји кои не се членки на еврозоната, сега се дискутира за воведување на ваквиот данок прво во 17-те членки на еврозоната.

Symbolbild Euro Rettungsschirm EU Flagge Münzen
Фотографија: dapd

Баросо бара од германската влада „водство во партнерство“

Баросо најави дека ќе предложи Европската комисија да игра важна улога при контролирањето на Фондот за спас на еврото - ЕФСФ, како и на националните буџети на членките. Само инструментите на целата заедница, во која институциите на ЕУ играат централна улога, можат да го спречи распаѓањето на внатрешниот европски пазар и на монетарната унија, предупреди Баросо. Методот на директни договори меѓу засегнатите влади нема да биде доволен, предупреди тој, со оглед на зачестените интерни спогодби меѓу владите од земјите на еврозоната. Баросо побара од Германија како најсилна нација во рамките на Унијата да биде свесна за одговорноста што ја носи и да ги почитува централните принципи на ЕУ. Владата во Берлин треба да манифестира „водство во партнерство“. И Германија ќе трпи негативни економски последици доколку дојде до раскол во ЕУ. Не може да има мир и благосостојба на северот на Европа, ако го нема и на југот од „стариот континент“, нагласи претседателот на Европската комисија.

Канцеларката Ангела Меркел, пак, во говор на една економска конференција исто во Берлин се заложи за итно менување на европските договори за да се овозможи забрзана структурна реформа на ЕУ. „Светот нема да ја чека Европа“ нагласи Меркел и упати драматично предупредување до владите на некои членки на ЕУ, кои сметаат дека брза промена на европските договори не е можна. „Сигурноста на демократиите се цврсти структури и правила, кои мора да се почитуваат, кои мора да може да се проверуваат и чие непочитување носи консеквенци“, нагласи Меркел. Германската влада бара европските институции да имаат право да интервенираат во националната финансиска политика на презадолжените членки. На самитот на ЕУ во октомври, на инсистирање на Германија, беше заклучено претседателот на ЕК Баросо и на Европскиот совет Ромпој да изготват предлози во оваа насока.

Автор: ГЧ/ртр/афп

Редактор: Е.М.Фиданоска