1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барометар на корупцијата во светот

9 декември 2010

Дури 60% од испитаниците во репрезентативната анкета на меѓународната организација „Транспаренси интернешнал“ сметаат дека корупцијата во светот се зголемила во изминатите три години.

https://p.dw.com/p/QUHM
Раководителката на Транспаренси за Германија, Еда МилерФотографија: picture-alliance/dpa

Дури една четвртина од испитаниците во анкетата, што опфати 91.000 лица од 86 држави и региони, посочија дека лично давале мито во изминатите 12 месеци. Како образложение за мотивацијата за таквиот чекор половината од нив посочија дека сакале да заобиколат пречки и проблеми во институциите, додека една четвртина од испитаниците нагласија дека со тоа се обиделе да забрзаат одредени решенија или постапки пред надлежните органи. При тоа станува збор за полицијата, за даночните или здравствените власти и други.

Регионални разлики

Transparency International Logo

Корупцијата е најраспространета појава во африканските земји јужно од Сахара, каде дури половината од сите испитаници плаќале мито. Потоа следат Блискиот исток и Северна Африка, каде една третина се впуштила во таква авантура. Во Европа и Северна Америка корупцијата е помалку застапена - само 5% од испитаните потврдно одговориле на прашањето дали плаќале мито. Најголем пораст на корупцијата според барометарот на „Транспаренси“ имало во Авганистан, Камбоџа, Камерун, Индија, Ирак, Палестинските автономни подрачја и Уганда.

Европа може и подобро

Наспроти нискиот процент за земјите од ЕУ во барометарот, комесарката за внатрешна политика Цецилија Малстром оцени дека досегашните мерки за спречување на корупцијата не донеле уверливи резултати. Таа најави и нов пакет мерки, меѓу кои спаѓа и тоа земјите членки од 2012 година да мораат редовно да поднесуваат извештаи за борбата против корупцијата. Малстром уште предупреди овој проблем да не се потценува: „Во Европа нема зони слободни од корупцијата. Нејзе ја има насекаде и европските граѓани ја гледаат како проблем на сите нивоа на власт.“

Добри резултати за Германија

Во Германија само два проценти од испитаниците напишале дека подмитувале во последниве 12 месеци. Раководителот на Транспаренси за Германија, Еда Милер, посочи дека во очите на граѓаните најподлежни на корупција се политичките партии во земјата. По нив на списокот се приватните претпријатија, додека некаде во средината се наоѓаат медиумите.

„Она што не’ изненади, тоа е што граѓаните многу позитивно ги оценија полицијата и правосудните органи во Германија. Тоа е одличен податок во споредба со општата слика во светот“, порача Еда Милер на прес-конферецијата во Берлин.

Symbolbild Korruption Bestechung NO-FLASH
Фотографија: dpa

Во Германија исто така населението е многу сензибилизирано за овој општествен проблем, покажа барометарот на Транспаренси:

„Германците, со цели 70% кои сметаат дека корупцијата зела замав во последните години, се наоѓаат во горниот дел од споредбената анализа. Но, тоа само значи дека овдешната јавност е многу почувствителна на оваа појава, што е добар знак.“

Еда Милер уште нагласи дека дури 80% од испитаните германски граѓани посочиле дека веднаш би пријавиле случај на корупција.

Автор: ГЧ/ ДПА/АП

Редактор: Симе Недевски